1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Подемите и падовите на четирите македонски претседатели

Беа различни по возраст, искуство и идеологија, раководеа и во турбулентни и во помирни периоди, беа обвинувани за грешки, но според нивните соработници, се обиделе да го направат најдоброто за Македонија.

Од осамостојувањето на Република Македонија до денес, на чело на државата застанаа четири претседатели. И покрај идеолошките и разликите во раководењето на функцијата, сите тие на свој начин и дадоа личен печат на македонската современа историја. Кои беа нивните падови и подеми, успеси и разочарувања? Беа различни по возраст, искуство и идеологија, раководеа и во турбулентни и во помирни периоди, беа обвинувани за грешки, но според нивните сорботници, се обиделе да го направат најдоброто за Македонија.

Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров (1917-2012), стапи на функција на 73 години, зад себе имаше 50 години поминати во Белград на најодговорни функции во поранешната СФРЈ, а пред себе голем предизвик – поставување на институционалните темели на независната македонска држава. Го сметаа за историја што чекори, за жив споменик на цела епоха - личност која ги поврза двата столба на македонска државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991 година. Живко Кондев, долгогодишен шеф на кабинетот на Глигоров, вели дека е потребно многу време да се набројат сите резултати на Глигоров, но доволно е да се истакнат и само неколку, по кои трајно ќе биде забележан во меморијата на македонскиот народ.

Kiro Gligorov

Киро Глигоров

„За изградбата на самостојна Македонија даде личен печат со спроведување на референдумот за независност, донесување на новиот Устав, битката за демократска преобразба и внатрешна консолидација на земјата и нејзина меѓународна афирмација. Со државнички способности, мудрост и дипломатски такт, во најголема мерка ја водеше надворешната политика и успешно ги релаксираше меѓуетничките односи. Тој и даваше тон и на генералната политика на Владата која требаше да решава многу сериозни прашања, но и на Собранието. Тој е најзаслужен што Македонија е единствена држава од поранешна СФРЈ која ја испрати ЈНА со потпишан договор, без ниеден испукан куршум и жртва. Во исклучително тешка ситуација одбра Македонија да не биде 'ничија земја' и да стане членка на ООН, макар и со наметнатата описна додавка пред уставното име, а времето покажа дека и покрај многуте неосновани критики, тој не згрешил. Ако тоа не се направеше во 1993 година, лесно можеше да се случи Македонија се уште да чека на прием во ООН, како што се најде на опашката за прием во ЕУ и НАТО, иако ги исполнува условите за тоа“, вели Кондев. Во сеќавање на неговите соработници, остануваат зборовите на Глигоров: „Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе.“ Со изјавата од неговиот инаугурален говор во Собранието - „Македонија е се` што имаме“, ја наслови и автобиографската книга по завршувањето на двата мандата (1991 – 1999). Во 1995. година преживеа атентат кој до денес не е расветлен, во 1998. се соочи со обвинувања за љубовна афера која не му го наруши рејтингот, а во 2000. влезе во Гинисовата книга на рекорди како двојка од највозрасен претседател и најмлад премиер.

Огнено крштевање

И кога се чинеше дека неговиот наследник Борис Трајковски (1956-2004) ќе има помалку работа по бранот признавања со кои Македонија веќе се етаблираше на меѓународната сцена, „се случи 2001 година“. Во првите две години од мандатот Трајковски успеа да надмине два свои хендикепа: првиот, скромното политичко искуство со кое стапи на функцијата, и вториот, кој се профилираше подоцна - отсуството на поддршка од неговата партија за битните политички проекти. Неговиот советник за национална безбедност, Стево Пендаровски, вели дека во делот на стратегиските приоритети, Трајковски релативно лесно ги компензирал тие празнини преку коалицирање со релевантните делови на меѓународната заедница и тогашната опозиција. Во неговиот мандат започна, но и заврши конфликтот кој можеше земјата да ја однесе во вител на непрекинати крвопролевања.

Mazedonien Boris Trajkovski

Борис Трајковски

„Неговото најголемо постигнување е менаџирањето на процесот кој го донесе Рамковниот договор што ги отвори перспективите на земјата, без да и ја загрози виталноста на долг рок. Два други моменти се парадигматски за неговите напори да ја позиционира Македонија поблиску до големите сили. Имено, малку е познато дека мисиите во Авганистан и Ирак беа оформени на негова иницијатива, што беше преседан во периодот по последните балкански војни - земја кој се уште има странски трупи на својата територија да испрати војници во мисии надвор. Второ, ја 'измисли' Јадранската повелба со која не внесе во предворјето на НАТО, но уште повеќе, една и пол година порано го најави американското признание на нашето уставно име, бидејќи термините 'Македонија' и 'македонска влада' се споменуваат во тој документ ко-потпишан од Колин Пауел. На внатрешен план - прв јавно влезе во џамија, прв јавно се обрати на албански јазик и перманентно ја негуваше културата на дијалог со опозицијата, па во периодот 2002-2004 година беше забележана веројатно најдобрата кохабитација меѓу еден претседател и премиер во поновата македонска историја. Имаше јасна визија за Македонија како дел од светот, беше автономен во одлучувањето и толерантен и кон оние кои не беа толерантни кон него. Целосно спротивно од однесувањето на неговите наследници во партијата сите овие години“, оценува Пендаровски. Додека медиумите и сопартијците го исмеваа неговиот струмички дијалект и моделите на иминии (обувки) кои му ги изработуваа по нарачка заради големиот број, меѓународната заедница сосема добро го разбра неговиот речник посветен на мир и толеранција и подготвеноста за големи политички чекори. Многумина се обидоа да ја наметнат тезата дека станал „признат“ дури по авионската несреќа во која го загуби животот, но повеќето се согласни дека неговиот претседателски габарит го потврди во најтешката - 2001 година. Неговиот профил денес е најблиску до „прототипот“ за консензуален претседателски кандидат. Дамката која остана неизбришана, е фактот дека во вториот круг од изборите влезе со помалку гласови од противкандидатот Тито Петковски, а победи со убедливо мнозинство преку „пазар“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА.

Заложник на премиерскиот учинок

По смртта на Трајковски, на вонредни претседателски избори победи Бранко Црвенковски и дотогашната премиерска функција ја замени со претседателската. Таа негова абдикација многумина ја сметаа за грешка, бидејќи (ин)директно предизвика да се „потрошат“ уште двајца премиери - Хари Костов и Владо Бучковски, како и двајца претседатели на СДСМ: Бучковски и Шекеринска. Денес Црвенковски не сака да зборува за својот мандат, поради личен завет да не дава изјави по заминувањето од кормилото на СДСМ. Оценката за него ја даде неговата тогашна советничка за уставни и правни прашања, Рената Тренеска-Дескоска.

Branko Crvenkovski, SDSM Parteichef, Skopje, Mazedonien

Бранко Црвенковски

„Во теоријата постои поделба на претседатели на силни и слаби, во зависност од улогата што ја одиграле во градењето на политиките. Црвенковски беше силен претседател, кој ја водеше и го имаше клучниот збор во надворешната политика, а имаше активна улога и во градењето на внатрешната политика, во улога на арбитер, во рамките на неговите надлежности. Најзначајни постигнувања во неговиот мандат (2004 - 2009 година) се признавањето на земјата под нејзиното уставно име од страна на САД и тоа што Република Македонија доби статус на кандидат за членка во ЕУ. На внатрешен план, пожртвувано работеше на меѓуетничката доверба и спроведување на Рамковниот договор. Не стоеше настрана од политичките случувања ни кога тие не беа во негова директна надлежност, отвораше дебата и јасно го изрзуваше својот став, предупредувајќи на погрешните политики и обидувајќи се да биде коректив на владата во ситуации во кои со неа имаше различен став“, потсетува Дескоска.

Аналитичарите за негов голем успех го сметаат и фактот што обезбедил усогласен државен став пред Самитот на НАТО во Букурешт, на кој, за жал, Македонија не доби покана за членство. „Историјата на Македонија не смее да заврши со Букурешт. Најголемата грешка што една држава може да ја направи е по еден ваков неуспех да се откаже од историската визија што ја има за себе. За Македонија не постои друга разумна алтернатива ако сака да биде стабилна и просперитетна држава, освен брза интеграција во евроатланските структури“, порача тогаш Црвенковски. Но, се чини единствено тој немаше „алтернатива“. Низ премиерскиот „минат труд“ беше оценуван целиот негов претседателски учинок.

Шашаво, ама функционира

Таков хендикеп немаше четвртиот шеф на државата, Ѓорге Иванов. Дојде исклучиво со професорски бекграунд, формално предложен како независен кандидат од група академици и интелектуалци, иако беше јасно дека зад таа номинација стои владејачката десница. По пет години, Иванов денес не сака да го рецензира својот претседателски учинок, па во негово „отсуство“ тоа го стори еден од неговите блиски соработници, поранешниот амбасадор и професор, Димитар Мирчев.

Gorge Ivanov Präsident Mazedonien

Ѓорге Иванов

„За разлика од претходните претседатели, Иванов немаше проблеми со т.н. кохабитација, а сепак остана автономен во своите ставови. Постави стандарди на однесување: немаше никакви афери, приговори за неговата чесност, семеен и јавен живот. Според анкетите, речиси три-четвртини од јавноста смета дека 'чесно си ја извршувал должноста'. Беше исклучитено динамичен: претходно, немаше претседатели што во својот мандат имаа повеќе меѓународни средби, контакти или предавања на универзитети. Притоа, беше недвосмислено тврд и принципиелен во одбрана на македонскиот идентитет, па и во спорот за името. Во внатрешната политика, делуваше синергично и катализаторски, иако тоа подрачје не беше негова основна уставна надлежност: предводеше иницијативи, средби, комисии и контакти за решавање на меѓупартиски, меѓурелигиски и меѓуетнички проблеми и предизвици. Во својата дејност ги помагаше младите, студентите, инвалидите, спортистите, талентираните... Што недостигаше? Лично не сакаше да поработи на изградбата на својата лидерска харизма. По малку ја носеше хипотеката на професор-претседател. Можеше многу повеќе да ги искористи за нашата наука и образование своите титули - член на Светската и на Европската академија на науки и уметности. Од многубројните посети на општините, средбите со граѓаните и од своите народни канцеларии, можеше да испрати понепосредни пораки до надлежните органи, макар што тоа не беше во неговата уставна надлежност“, вели Мирчев. Иако важи за скромна и неконфликтна личност, поради неговата идентификацијата со тврдите политики на ВМРО-ДПМНЕ во сферата на меѓуетничките односи, тој ја изгуби наклонетоста на ДУИ, но и впечатокот во јавноста дека е личност со автономни ставови. Иако се уште не се изјаснил дали ќе претендира за втор претседателски мандат, ако се реши на тој чекор, ќе треба да свитка лист хартија и да се пријави на партискиот конкурс или во подобра варијанта, да чека партијата јавно да го покани да го направи тоа. Со оглед дека ДУИ во пратиката многу пати рекла, па одрекла, не е исклучено како резултат на коалициски договор, приврзаниците на Ахмети, сепак, на крајот да му дадат поддршка на Иванов. Ако се случи таков компромис, Иванов ќе биде единствениот претседател кој дал две точни дијагнози за македонската политичка практика, иако претходно беа предмет на критики: „Разумен компромис е разумен компромис“ и “Демократијата е како космодиск: изгледа шашаво, ама функционира“.