1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Поделена еврозона - север против југ?

Спасувањето на Кипар повторно покажа колку е длабок јазот меѓу богатите и посиромашните земји во Европа. На крилјата на кризата се распламтува конфликт север против југ. Се бара некаков главен виновник...

Кипраните се лути, лути на својата влада, на Европа и на Германија. Согласни се кој е главниот виновник за нивните проблеми - Ангела Меркел. Германската канцеларка ја сметаат за одговорна за спасувачкиот пакет кој на Кипар се доживува како диктат од окупаторска сила.

Дента по усвојувањето на пакетот, германскиот министер за финансии Волфганаг Шојбле, кој со своите европски колеги цела ноќ преговараше за мерките за спас на Кипар, видно исцрпен ја извести јавноста дека се пробила германската позиција.

„Работевме за да го овозможиме овој исход. Чекор по чекор ги убедивме останатите за нашата позиција и на крајот добивме заеднички резултат.“, изјави Шојбле.

Германија доминира - тоа е сликата која преовладува во повеќето земји зафатени со кризата. Во Грција, Португалија или Кипар - се’ едно, народот таму смета дека Германија неволно помага, наметнува кратење на социјалните права и некако арогантно мудрува. Успехот на Германија и’ донесе проблем со имиџот.

Zypern Bankenkirse Proteste am 19.03.2013

Протести на Кипар на 19.03.2013

„Но, точно е дека токму германскиот начин на соопштување на работите делумно придонесе за ваков став. Во кризи не треба повлекување, туку треба повеќе да се комуницира, мора поблиску да им се пријде на проблемите.“, вели политичкиот експерт Јозеф Јанинг од Германското друштво за надворешна политика.

Проголтана визија

Притоа, во и за Европа толку многу се зборува. Клучно е, меѓутоа, кој зборува. Скандинавските, земјите од Бенелукс и источноевропските држави од еврозоната го велат истото што и Германците: само солидна буџетска политика води кон успех. И сепак, само гласот на најсилна економија во Унијата го слушаат. А токму официјален Берлин е најскржав на зборови. Канцеларката Ангела Меркел полага врз интерни разговори, а во јавност главно молчи.

Спасот за Кипар го искоментира на маргините на посета на една градинка, кратко и јасно, како кој било друг настан од секојдневието.
„Многу сум задоволна што изминатата ноќ се успеа да се најде решение за Кипар за да се спречи инсолвентност на земјата. Сметам оти ни појде од рака да договориме праведна распределба на товарот.“, изјави тогаш Меркел.

Таа не обелодени некаква визија, тоа не е нејзин стил - иако Европа е големата политичка приказна во изминатите сто години. Кратко по Втората светска војна, мирољубива Европа беше само утопија. Потоа дојде визијата на неколкумина државници, чија круна требаше да биде заедничка валута. Еврото требаше економски да ја обедини и политички да ја здружи Европа. Денес од тоа не остана многу:
„Европскиот проект со вакви спасувачки мерки всушност вози право в ѕид, оти тој не поставува противпожарни ѕидови, туку мерките се масло кое постојано се долева во огнот. Тоа не ја обединува Европа, напротив, таа ќе се подели.“, предупредува Франк Шефлер германски пратеник од владејачката Либералната партија (ФДП).

Сигурни ли се заштедите?

Големата европска приказна потона во рутината на Европа. И покрај постојаните средби, Ангела Меркел и нејзините колеги од Франција, Грција или Италија не успеваат да објаснат за што се залага Европа. Наместо тоа, европските преговори изгледаат како голем пазар на кој секој бара сопствен ќар.

„Оваа Европска унија е навистина судбинска зедница, а не само заедница од полза. Во моментов акцентот многу силно е ставен врз ползата, калкулациите, врз марки и фенинзи или врз прашањето: Што на крајот ние добиваме од тоа? - а премалку врз она, што сочинуваме ние заедно, односно кои задачи Европејците би требало подобро заеднички да ги решат.“, советува експертот Јанинг.
Сепак, секогаш се зборува само за пари - Европскиот механизам за стабилност, ова е гласањето за него во Бундестагот, во Германија пред се’ го сметаат за огромна сума пари од германските даночни обрзници. Ветувањето во врска со парите беше и најефектното изјаснување на Меркел во финансиската криза:
„Им велиме на штедачите дека нивните влогови се сигурни. Тоа им го гарантира германската влада.“

Oткако на Кипар и ситните штедачи станаа гаранти за грешките на своите банки, Германците подобро го разбираат бесот на Кипраните, а и самите се несигурни. Повеќе од половина сметаат дека нивните пари веќе не се сигурни, велат анкетите. Германската влада нема проблем во комуникацијата само во Кипар, туку сега и дома.