1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поделбите не носат напредок

Кој и зошто ги дели Македонците на антички и словенски? Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за смислени игри на поделби пред претседателските и локалните избори во земјата и за неуспех во надворешната политика.

default

Македонците не треба да се делат

„Политичарите да престанат да го делат народот на антички, на словенски, сите ние сме Македонци и треба заеднички да продолжиме да ја градиме Македонија без такви поделби.“

Оваа последна изјава на македонскиот премиер Никола Груевски не останува без одглас во македонската јавност. Напуштањето на реториката за античката историја и прифаќањето нови иницијативи за спорот со Грција се предизборен трик на власта или попуштање под притисокот на европретставниците, пишува весникот „Шпиц“.

Универзитетскиот професор Билјана Ванковска за овој весник изјавила дека премиерот Груевски повторно направил гаф, зашто тој е премиер на сите граѓани, а во Македонија живеат и немакедонци.

Вербална војна пред изборите

Пред почетокот на изборната кампања власта и опозицијата почнаа вербална војна за виновникот и одговорноста за поделбата на Македонците. Тоа е насловен текст во денешен „Дневник“. За овој весник професорот Димитар Мирчев изјавил дека поделбата на Македонците на „Букефалисти“, потомци на Александар Македонски и „Славјанисти“ е дело на СДСМ.

Gruevski Statement.jpg

Македонскиот премиер Груевски повикува на разумност

Изјавата на премиерот Груевски дека нема антички и словенски Македонци, е дадена по експресниот престој на амбасадорот Зоран Јолевски во Скопје. Се шпекулира дека македонскиот амбасадор дошол и со порака од новата американска администрација.

По враќањето од подолгиот престој во Вашингтон, во Стејт департментот, амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер рече:

„Не верувам дека нешто ќе се смени во политиката на САД кон Македонија. Двете земји се добри пријатели.“

Изјавата на Рикер доаѓа по иницијативата на американските конгресмени, кои бараат од претседателот Барак Обама да го повлече признавањето на Република Македонија под уставното име.

Ставови на дел од претседателските кандидати

Претседателскиот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ професор Ѓорѓе Иванов застапува поразлични ставови. Според него, концептот на политиката на еквидистанца подразбираше да се држи подеднаква дистанца од сите земји. Тој промовира принцип на еднаква отвореност кон сите држави, што создава можност за комуницирање и меѓу соседите во регионот. Професорот Иванов е еден од првите претседателски кандидати кој имал пријателска средба со грчката амбасадорка во Скопје, како што самиот изјави.

Неговиот ривал, кандидатот на СДСМ, Љубомир Фрчкоски по разговори со европските социјалисти во Брисел порачува дека во ЕУ никој повеќе не зборува за македонскиот јазик и идентитет. Тој тврди дека сега во Брисел Македонците ги нарекуваат граѓани на ПЈРМ, што е одраз на политиката на самоизолација која ја води владата, со што ја загуби поранешната добра позиција на државата.

Интересен феномен на овие претседателски избори е секојдневниот рингишпил на претседателските кандидати со амбасадорите од земјите од ЕУ. Во ист ден вчера кај евромбасадорот Ерван Фуере беа тројца кандидати- Агрон Буџаку, Имер Селмани и Мируше Хоџа.