1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Поделба на Ирак на Курдистан – Шиистан – Сунистан?

Ирак тоне во хаос. Како понатаму да се постапува? Дилемата на Американците е посебно засилена, оти досега ниедна од мерките не донесе резултат.

default

Војнички нема да се дојде до успех и смирување на насилството во Ирак. Поделбата - решение?

САД прво се обидоа со воена сила во Ирак, потоа настојуваа поинтензивно да ги вклучат самите Ирачани, па упатија нов командант, а на крајот претседателот Буш испрати уште повеќе војници, што предизвика лутина кај многумина Американци. Заедничко на сите обиди беше само дека тие не можеа да ги запрат ужасните убиства. Сега во Вашингтон кружи нов план: да се спаси во Ирак она што уште може да се спаси преку “мека поделба” на земјата

Мајкл О’Хенлан одамна се занимава со Ирак. Овој мислител-стратег од либералниот Брукингс-институт беспоштедно ги обелодени грешките на владата на Буш, поднесувајќи и предлози. Сега има нови: “Курдистан – Шиистан – Сунистан”. Така звучи поделбата на Ирак според етничките и религиозни групи.

Мајкл О’Хенлан смета дека САД ни со уште повеќе војници нема да постигнат позначајно намалување на насилството. Сунити убиваат шиити и обратно, поради тоа предлага поделба на Ирак во три автономни подрачја. “Тоа и онака се случува во Ирак: до 100 илјади луѓе секој месец насилно се протерувани од нивните огништа. Има етничка поделба која се ближи до она што го доживеавме во Босна и подобро е да зборуваме за тоа ако можеме да го организираме тој процес, наместо да им дозволиме место нас тоа да го направат милиции и ескадрони на смртта”.

О’Хенлан и неговите соистомисленици ја земаат Босна за пример: насилството опадна кога меѓународната заедница конечно започна под војничка заштита да ја организира поделбата според религии и етничка припадност. Слично би морало да се одвива и во Ирак – како нов почеток прво би дошле контролирана преселба и помош. На крајот би имало слаба централна влада и три во голема мера самостојни региони со сопствена полиција и војска.

Тоа е планот. Ирачаните, вели Мајкл О’Хенлан, мораат самите да решат во врска со него – тоа не би смеело да биде изнудено од САД. Сунитите, кои се малцинство во Ирак, досега страхуваа дека при поделба би биле економски запоставени. “Се’ додека сунитите не веруваат дека ќе добијат фер удел во приходите од нафта, се’ дотогаш ќе се борат за пристап до нејзините извори – на пример во Киркук, и се’ дотогаш ќе се борат за централистички Ирак. Мека поделба може да успее само ако сунитите се уверени дека ќе добијат праведен удел” – вели О’Хенлан.

Тој веќе разговарал за својот план со високи по ранг претставници на ирачката влада, како и со важните градители на ставовите во Белата куќа. Иако бил ислушан, официјално и натаму владата опстојува врз сегашниот план за централно управувана, силна ирачка држава. Неофицијалната верзија, меѓутоа, е дека се’ помалку политичари во САД уште веруваат во тоа.

Концептот на Мајл О’Хенлан е план Б – последен обид фијаското на САД во Ирак да се одржи во полуподносливи граници: “Тоа е план за зачувување на нашите сопствени интереси. Ако не го испробаме тој концепт за мека поделба, тогаш има малку надеж за било каков вид на стабилност во регионот по повлекувањето на нашите трупи”.

Сонот за демократски Ирак, за променет Блиски исток, за ослободителен поход заврши. Во Вашингтон сега се размислува само уште во димензии за ограничување на штетата.

Јенс Борхерт