1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поддршка од Вишеградската група за Македонија

Според шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, пораката од денешниот состанок е дека на Македонија треба да и‘ се овозможи почеток на преговори со ЕУ и паралелно решавање на спорот за името.

Неодложно е потребно на Република Македонија да и‘ се овозможи почеток на преговори и билатералниот спор да се решава паралелно со процесот на преговарање за членство во ЕУ, бидејќи веќе повеќе години ги има исполнето потребните критериуми.

Ова, како што изјави за МИА министерот за надворешни работи Никола Попоски, е клучната порака од денешниот (31.10) министерски состанок во Будимпешта на земјите од Вишеградската група и Западен Балкан на која учествува и еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Централна тема на состанокот, на кој министерот Попоски учествува на покана на неговиот унгарски колега Јанош Мартоњи, е евроинтеграцијата на земјите од Балканот - предизвиците на патот кон ЕУ, трансформативната моќ на евроинтеграцијата, како позитивно да се влијае на процесот на проширување во ЕУ и.т.н.

„Имавме доста отворен дијалог со членките на Вишеградската група - Полска, Чешка, Словачка под унгарско претседателство. Нивната цел е да го поддржат процесот на проширување кој очигледно го нема нивото на ентузијазам, што го имаше при претходните проширувања, бидејќи некои од клучните проблеми, особено во економскиот дел ги преокупираат земјите-членки на ЕУ. Тоа што е значајно за нас е дека овие четири земји заедно со Австрија, која беше дел од овој состанок, се силни поддржувачи на овој процес“, рече шефот на македонската дипломатија.

Тој оцени дека одржувањето на редовните есенски состаноци на министрите за надворешни работи на Вишеградската група во формат В4 и Западен Балкан, на кои учествува и комесарот за проширување на Европската комисија, како и Австрија и Турција, се добра можност за неформални разговори меѓу колегите, а клучната порака била да се задржи ентузијазмот на процесот на проширување.