1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поддршка на идентитетот, јазикот и културата на македонското малцинство во Грција

Златка или Аурелиа Гилер, како што стои во нејзиниот австриски пасош, иницираше расправа во Европскиот парламент за положбата на македонското малцинство во Грција, по што делегација на парламентот ќе оди на лице-место.

default

Логото на организацијата ФУЕН

Аурелиа - Златка Гилер е потпретседателка на Федералната Унија на Европските народности - ФУЕН. Таа организација е создадена во 1949 година во Версај, истовремено со Советот на Европа, и во неа се претставени независни организации на националните малцинства во Европа. Денес во ФУЕН се обединети 84 организации од 32 земји.

Според статутот, ФУЕН е во служба на етничките заедници и има за цел да го поддржува националниот идентитет, јазик, култура и историјата на националните малцинства. Овие цели ФУЕН ги реализира по мирен пат, енергично се ангажира против сепаратизам и секаква употреба на насилство и работи за соживот и мирни добрососедски односи меѓу мнозинското население и малцинствата внтаре во една земја или регион.

Со госпоѓа Гилер разговараше Тони Гламчески

Г-ѓо Гилер, на ваша инцијатива за прв пат во меѓупарламентарната група за традиционалните национални малцинства на Европскиот парламент во Стразбур се зборуваше за македонското малцинство во Грција. Зошто се одлучувте да ги повикате претставниците на Македонското малцинство во Европскиот парламент ?

Јас сум потпретседателка на Федералната Унија на Европските народности (ФУЕН) - во таа функција имав можност да ја посетам Северна Грција и да се сретнам со Македонците. Претходно ги посетив претставниците на Турците во Грција, кои се членови на нашата организација. Во Грција бев пратена за да видам на лице место каква е ситуацијата, бидејќи Федералната Унија сака да посредува. Ние сакаме да разговараме со официјалните институции и да се среќаваме со репрезентативни претставници на малцинствата - тоа стои во статутот на ФУЕН. Кога сме во работна посета, седнуваме на маса и разговараме за положбата на малцинствата и за нејзино подобрување.

Мене ме испратија во Грција бидејќи зборувам хрватски и го разбирам македонскиот јазик. Добро е да се отиде на лице место и да се види како живеат и реагираат луѓето, оти само така може да се дојде до вистински сознанија.

Како помина вашиот престој во Грција?

Во Грција доживеав за мене незаборавни денови, посебно впечатливи беа реакциите на луѓето кога им зборував на нивниот јазик. Кога во хотел му поставувате прашање на келнерот на македонски, тој нормално ви одговара. Тој мене ме разбра. Но затоа пак бев шокирана како реагираат децата. Момчиња и девојчиња на 12-годишна возраст не го прифаќаат македонскиот јазик. Тоа значи дека ним им е измиен мозокот. Во училиштето ним им е всадено: „Немој и не смееш да го зборуваш тој јазик, оти не е убав - и затоа нема ни да пееме на тој јазик“! На тој јазик не се ни пееше, но затоа тие играа, ја играа музиката на нивните песни, но не смееја да пеат. Не смееја ни да го засакаат јазикот, нешто што им е блиско до нивното срце. Се прашувам зошто не е можно тоа? За мене беше интересно да ги откријам причините, посебно ако се знае дека тие живеат во Европа, во земја која веќе долго време е членка на Европската Унија. Имав можност да разговарам со некои луѓе, со началници, претставници на власта. Нивната власт е поинаку организирана од нашата во Градишче во Австрија. Еден Грк беше отворен и од свое лично искуство ми раскажа дека и самиот го доживеал тоа и има впечаток дека Македонците се „подгрци“. Тоа се сигурно предрасуди стекнати по граѓанската војна. Тој беше реален, но набрзо, два-три дена подоцна, врз него беше извршен притисок да не смее да го кажува тоа. Јас му предложив да се обидеме да работиме на еден проект - не нешто значајно, но да се обидеме да им го направиме јазикот поблизок на децата; нешто слично на начинот на кој ние работиме кај нас во Австрија, каде имаме проекти со Хрватите од Градиште од двете страни на границата меѓу Австрија и Унгарија. Тука со помош на такви проекти луѓето се отвораат спема нивниот мајчин јазик.

Значи малцинствата во Австрија имаат поголеми права, отколку малцинствата во Грција ?

Па сигурно, кај нас има шест признати малцинства. Ние, Градиштанските Хрвати и Корушките Словенци, сме заштитетни со меѓудржавниот договор од 1955 година. Во член 7 од Договорот ни се признава статус на малцинство на Хрватите и Словенците, и на уште четири други малцинства во Австрија.

Грција нема признато ниту едно малцинство!

Тоа го знам. Таа не признава ни дека постои тој јазик. Ние не се стремиме малцинството веднаш да биде признаено. Мислам дека патот до признавање може да се одвива на следниов начин: да се создаде можност и да им се олесни на луѓето покрај границата да го зборуваат или да се обидат да го зборуваат јазикот, односно тој да им се направи поблизок.

Што треба да се направи за да се дознае нешто повеќе и да се подобри ситуацијата на м акедонското малцинство, бидејќи видовме на состанокот на Меѓупарламентарната група дека дури и луѓето кои се грижат за малцинствата во Европскиот парламент, не знаат многу за тоа што се случува во Грција ?

Малцинствата не се голем проблем и не се интересни за медиумите. Многу малку се знае за нив. Такви проблеми имаме и ние во Австрија. Ако ги земеме за пример луѓето од Фурланија, тие ќе бидат изненадени и ќе ви речат: „Ах, тука се зборува некој словенски јазик. Какво е тоа чудо?“. Тие немаат информации, а кога ние имаме информации, немаме платформа каде да ги пласираме. Ние се бориме за тоа и, иако ако имаме проблеми, сепак офиицијално сме признати.

Ако имате една интересна приказна, можеби ќе се заинтересираат и новинарите. Но, кога нема информации, тогаш не се знае што да се прави. Така е и со луѓево во Европскиот парламент. Ним Грција им вели: „Ние немаме проблеми, немаме малцинства, зошто тогаш да создаваме проблеми кога тие не постојат“? Но, не постои ни платформа каде малцинствата можат да се претстават и да речат: ’Еве, тоа е тоа, тоа постои‘! Не треба веднаш да се пука со топ, ние се обидуваме чекор по чекор. Оти, за што ни служи законот ако не знам за кого е тој закон, каква корист имам да издавам книги, ако нема деца за да ги читаат. Мораме да ги гледаме двете нешта и тоа практично да го спроведуваме во живот.

2008 година е прогласена за година на културната разноликост во ЕУ . Д али е тоа можност да се направи нешто повеќе за да се запознае европската јавност со положбата на малцинствата?

Тоа би било идеално. Но, Европа е малку сложена. Мора повторно да се најде некој форум, мора да се најде можност за претставување. Потоа, треба да се укаже на разноликоста - јас би рекла шароликоста, а не само на овие или оние закони.

Во Европа постојат инструменти за заштита на националните малцинства и нивните јазици . Тие инструменти им беа наметнати на новите европски демократии, додека некои од постарите не ги прифатија...

За жал тие се само за новите, откако старите демократии увидоа дека прават грешки. Сега имаме конфликт со новите држави, кои велат: „Слушајте, вие го барате тоа од нас, а самите не го правите. Што работите вие“. Прашање е само која од новите демократии ќе им го рече тоа на старите?