1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поддршка за македонските интеграции на Форумот во Седона

Претседателот Иванов ги претстави македонските погледи и очекувања за НАТО на конференција на политички и бизнис лидери од САД и од светот, која Институтот на американскиот сенатор Џон Мекејн ја организираше во Аризона.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој учествуваше на Форумот Седона, вели дека имал можност да ги претстави македонските интереси и да добие поддршка за македонското барање за деблокирање на интеграциите.

„Се отвори прашањето за нашето членство во НАТО, за сето она што ние сме го направиле и нашиот придонес кон НАТО, и зошто се’ уште чекаме да станеме членка. Се разви таа дебата, и имавме од соговорниците нивни ставови и констатации, дури и лични сведоштва од луѓе кои учествувале на самитот во Букурешт кога не станавме членка на НАТО. Така да овие форуми се извонредна можност преку размена на мислења и искуство со врвни луѓе од светската политика, од Сенатот на Америка, претседатели на други држави, да се согледа состојбата од поинаков аспект. Не она што е присутно дневно во медиумите, што го знаеме како состојба, туку да се влезе подлабоко во суштината на одредени проблеми, кои ја менуваат светската политика. Го искористив моментот да ги кажам нашите ставови и позициите на Македонија по сите тие прашања“, изјави Иванов.

Канада поддржувач на македонските интеграции

Канадскиот министер за одбрана Питер Мекеј, по заедничкиот панел со македонскиот претседател, рече дека неговата земја е активен поддржувач на македонските интеграции.

За време на панелот, Мекеј предупреди дека НАТО мора да внимава на типот на пораката која ја праќа до државите кои бараат членство и придонесуваат кон мировните мисии, само за да бидат одбиени од Алијансата.

„Навистина сме благодарни за придонесот кој Македонија го дава за мисиите на НАТО, за мисијата во Авганистан каде сте спектакуларни. Лично сум ги видел македонските војници во Авганистан, тие се професионалци, дисциплинирани, и работата си ја вршат со големо ниво на самодоверба. И тоа го забележуваат и други држави низ НАТО сојузот и имаат доверба во македонските војници. Се надеваме дека ќе видиме како продолжува патот напред за аспирациите на Македонија. За ова да биде потребно натамошно разгледување, а Канада е поддржувач на македонските аспирации. Канада е гласен поддржувач на проширувањето на НАТО, и, според моите проценки, Македонија е на многу високо, истакнато место во иднината на НАТО, поради вашиот силен придонес и посветеноста на мирот и сигурноста“, изјави министерот Мекеј.

На панелот посветен на состојбата на Европската унија, на кој претседателот Иванов говореше заедно со грузискиот претседател Михаил Сакашвили и поранешниот премиер на Русија Михаил Касјанов, македонскиот претседател го претстави спорот околу името и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Иванов го претстави и македонското искуство со организирање политички модел со почитување на различностите и мултиетничкиот карактер на државата.

Иванов на Форумот во Седона учествуваше на покана на сенаторот Џон Мекејн, чиј неодамна формиран Институт собира експерти и политичари во областа на надворешната политика. На форумот учествуваа голем број актуелни и поранешни американски сенатори, особено од влијателниот комитет за надворешна политика, потоа бизнис лидери, како и странски политички фигури. Најголемиот дел од форумот беше затворен за јавноста, со цел да се обезбеди доверливост на дискусиите.