1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Поддршка за интервенцијата во Мали

Советот за безбедност на ОН му даде поддршка на францускиот воен ангажман во Мали. Да помогнат сакаат и САД, ЕУ и Германија, но како?

Францускиот амбасадор во ОН Жерар Аро, по вонредната седница на Советот за безбедност, изјави: „Сите членки ја изразија својата поддршка за францускиот став.“ Освен тоа, сите признале дека Франција дејствува во согласност со меѓународното право.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ја поздрави француската интервенција во Мали и соопшти дека се надева оти најновата офанзива ќе ги запре терористите. И германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле застана зад борбената мисија на Французите и во изјава за вечерните вести на првата германска телевизија му упати уверување на својот француски колега Фабиус дека неговата земја ја има поддршката на Германија: „Не преку борбени сили, туку преку логистичка, медицинска, хуманитарна или политичка помош“, прецизираше Вестервеле.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон соопшти дека министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ уште оваа недела на вонредна седница во Брисел ќе разговараат за ситуацијата во Мали. Притоа, тема на разговор ќе биде брзо испраќање на околу 200 воени инструктори на ЕУ во Мали. Ештон не наведе конкретни термини за ваквата мисија. ЕУ нема да учествува во воената мисија.

САД, според зборовите на министерот за одбрана Леон Панета, имаат намера на Париз да му испратат „ограничена логистичка поддршка“. Освен тоа, ќе се помага и со информации на тајните служби, изјави Панета, без да наведе конкретни детали. Американските медиуми, освен тоа, известуваат дека САД понудиле и беспилотни летала.

Хумантираната состојба се влошува

Според ОН, поради најновите судири во бегство се околу 30.000 луѓе. „Само во изминатите неколку дена во подрачјата на југ кадешто ги спроведуваме нашите проекти прибежиште побараа 9400 бегалци“, соопшти портпарол на хуманитарната организација Ворлд Вижн во Мали.

Некои места наликуваат на „градови на духови“, соопшти организацијата „Лекари без граници“. Се‘ повеќе бегалци засолниште бараат во соседна Мавританија. Многумина границата ја минуваат пеш.

Француските војници од петокот (11.01) се борат на страната на трупите на Мали за да го запрат продирањето на исламистичките бунтовници, кои контролираат големи делови на север на земјата. Портпарол на Движењето за единство и џихад во Западна Африка (МУЈАО), Абу Дардар, и‘ се закани на Франција со одмазда. „Ќе ја погодиме Франција в срце, насекаде - во Бамако, во Африка и во Европа.“ По ваквите закани Париз соопшти дека треба да се смета со можни напади во Франција и во странство.