1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поддршка за евроатлантскиот курс на Македонија

Германија ке ја поддржи Македонија да остане на својот реформаторски курс и да го задржи правецот кон ЕУ и НАТО и покрај разочарувањето од Букурешт, е главната порака на германскиот претседател Хорст Келер

default

Хорст Келер и Бранко Црвенковски

Германскиот претседател Хорст Келер престојува во дводневна официјална посета на Македонија, каде претпладнево беше пречекан со сите воени почести.

За гостинот од Германија е важна стабилноста во регионот, за што станувало збор на искрениот и плоден разговор со претседателот на РМ Бранко Црвенковски. Но сепак во центарот на вниманието на разговорите мегу двајцата државници било прашањето околу името и спорот со Грција.

Апел до Грција за компромисно решение

Претседателот Келер на прес конференцијата изрази жалење што Македонија во Букурешт не доби покана за членство во НАТО. Затоа тој ја користи посетата да ја покаже германската поддршка.

„Многу радо дојдов овде во Поранешна југословенска република Македонија на покана на претседателот на државата, оти мислам дека земјата вложи напори да тргне на патот за интегрирање во евроатлантските структури.Тоа не е само од интерес за земјата, туку и од интерес за Германија и ЕУ. Дојдов овде за на претседателот да му ја искажам нашата поддршка за тој процес.“

Келер во Собранието на Република Македонија упати апел до грчката влада да го искористи моментот за да може да се најде компромисно решение, со што би се поттикнал и понатамошниот развој во регионот.

Компромис, но не и диктат

Македонија е подготвена на компромис, под услов тој да е фер, но не е подготвена да прифати било каков диктат, беше категоричен домаќинот, претседателот Црвенковски. Тој меѓутоа на прес конференцијата подвлече дека не е важна само поддршката од другите, туку домашните задачи мора да се завршат и да се постигне компромис со Грција за решавање на спорот со името. Претседателот на Македонија ја истакна улогата на Германија како партнер од највисок приоритет, кој има влијание во ЕУ и НАТО . Тој акцентот на сегашнава посета на Келер го гледа и во економската соработка меѓу Македонија и Германија.

„Во изминатиот период имаше перманентна политичка комуникација, имаше добра соработка на планот на безбедноста, во воената соработка, образованието, здравството, културата, туризмот. Она што посебно би го истакнал е економската соработка. Сојузна Република Германија е еден од најголемите трговски партнери на нашата земја. Во последните години вкупната трговска размена изнесува околу 740 милиони евра и што е многу битно, таа е воедначена. Она за што посебно сме заинтересирани е во наредниот период да видиме многу поголемо присуство на германските компании и фирми во делот на директни инвестиции во Македонија“, рече Црвенковски.

Важни се и меѓуетничките односи

Меѓуетничките односи биле исто така важна тема на разговорите меѓу двајцата државници. Келер проектот Европска унија го сфаќа како добар соживот на различни етнички групи. Претседателот на Германија уште еднаш подвлече дека Германија се повикува на Охридскиот договор, кој треба да се збогати со нови иницијативи. Тој истакна дека Македонија во времето на сите премрежја на Балканот не влезе во војна и тоа му дава надеж дека земјата ќе оди напред. Келер во меѓувреме се сретна и со премиерот на Македонија, Никола Груевски, а попладнево ќе се сретне и со лидерите на партиите во опозиција , СДСМ, Радмила Шеќеринска и на ДУИ, Али Ахмети. За да ја сфати ситуацијата во овие простори Келер планира средба и со претставници на религиозните групи во Македонија. Но, како љубопитен човек со изразена визија за европска интеграција, тој очекува убава средба утре и со младите луѓе во гимназијата Јосип Броз Тито. Келер ќе посети и два храма- црквата Свети Спас денеска а утре и една џамија.