1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Поддршка за грчкиот реформски курс од Берлин

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Атина дојде со поддршка за грчката влада. Централна тема на разговoрите беа економските прашања.

Моментот кој германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле го избра за работна посета на Атина не е оптимален. Делегација на Тројката токму сега преговара за нови мерки, кои на Грција треба да и' донесат нова кредитна транша од речиси осум милијарди евра и следниот понеделник за тоа да одлучат министрите за финансии на еврозоната. Но, кратко пред летната пауза Вестервеле тешко можеше да најде нов термин за средба со неговиот нов грчки колега Евангелос Венизелос, се вели во германското МНР. Воедно тој е шестиот грчки министер за надворешни работи во изминатите триипол години, откако Вестервеле е на оваа функција во Берлин.

Би можело да се претпостави и дека на набрзина договорениот термин улога би можеле да играат и претстојните германски избори за два и пол месеци: канцеларката од редовите на Христијано-демократите во Берлин организираше европски самит против невработеноста кај младите, нејзиниот сопартиец Волфганг Шојбле на 18. јули патува во Атина за да најави формирање на грчки развоен фонд за поддршка на малите и средни претпријатија со германски Ноу-хау и германско учество во капиталот. Сепак не би било праведно посетата на Вестервеле да се редуцира само на изборна кампања. Повеќе соодветствува оценката за голема симболика, или како што Вестервеле формулираше во Атина: „Во политиката се брои психолошкиот момент“.

Силна поддршка за сегашната грчка влада

Откако се распадна трипартитната коалиција и беше формирана коалицијата на Неа Демократија и ПАСОК, од Германија барем вербално стигнува забележително засилена поддршка. И тоа не е случајно. На несигурната грчка политичка сцена мнозинството за владата од само пет гласови брзо би можело да се стопи, да се одржат нови избори и со оглед на мизерната економска состојба на власт да дојде левичарска влада. Ако таа тогаш го спроведе она што го најавува, да ги повлече договорите со Тројката и одново да преговара, тогаш ќе се создаде ситуација, за која никој во Европа нема сценарио.

Затоа и поддршката од германскиот министер за надворешни работи за Атина. Тој го изрази признанието за грчките напори за спроведување на реформската програма договорена со Тројката и изрази уверување дека овој реформски курс ќе придонесе за нов полет. На пресконференцијата со неговиот грчки колега еден грчки новинар му укажа на Вестервеле дека откако се спроведува реформската програма, брутодомашниот производ е намален за една четвртина и невработеноста се искачи на 27 проценти и дури и при „многу брз пораст“ на Грција ќе и' бидат потребни 20 до 30 години да го достигне нивото од пред кризата. „Што“, беше прашањето на новинарот „би преземале Вие, ако не би сакале да и' помогнете на земјата, туку би сакале да ја уништите?“

Вестевеле при одговорот на ова прашање се концентрирапе на тоа, што Германија презема за на Грција да и' помогне при нејзините реформи за надминување на кризата. Оваа соработка тргнува од министерско ниво па се' до комунално. Тука се вбвројуваат теми како реформа на пензискиот систем, ефективен здравствен систем и локална управа, реформа на правилата за азил и дури пилот проекти за воведување на германскиот дуален систем за образование, кој треба да започне наесен. Овој вид на соработка е единствена за Европската унија. Сепак не е доволна.

На Грција и' е потребен пораст

И за 2014 година експертите прогнозираат натамошен пад на економскиот учинок за 4,5 проценти. И само поради тоа на земјата и е потребен пораст. Нови инвестиции би го олесниле евентуалното ново бришење на долговите. Според министерот за финансии Јанис Стурнарас, Грција годишно мора да плаќа 10 милијарди евра камати. Иако многумина сметаат дека ќе има ново бришење на долговите за Грција, оваа тема за Берлин и за министерот Вестервеле останува затворена до германските избори наесен.

Покрај средбата со Венизелос, Вестервеле утрово се сретна и со премиерот Андонис Самарас, каде присутни беа и Стурнарас и министерот за економија Костис Хацидакис. На тој начин, изјави претставник на грчката влада за ДВ, германскиот министер за надворешни работи сакал да добие преглед за економските прашања.