1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Поддршка за влада на национално единство во Сирија

Русија и останатите големи сили го известија медијаторот во сирискиот конфликт Кофи Анан дека ја поддржуваат неговата идеја за кабинет на сириско национално единство, во вклученост на власта и на опозицијата.

Од таквиот кабинет би биле исклучени оние лица кои би можеле да ја поткопаат неговата работа. За сумираниот план на Анан информираше анонимен дипломатски извор. Во лицата кои би биле исклучени од владата на национално единство спаѓа и претседателот Башар ал-Асад, иако во предлогот на Анан неговото име не е експлицитно посочено.

Претставници од ОН соопштија дека светските сили, како Русија, Кина, САД, Велика Британија и Франција го поддржуваат предлогот на Анан. Предлогот е една од главните теми за кои Русија, останатите четири постојани членки на Советот за безбедност на ОН и останати клучни играчи на Блискиот исток ќе разговараат на средбата во Женева оваа сабота.

Сепак, рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин рече дека предлогот на Анан нема автоматски да се прифати и дека ќе биде основа за разговори на министрите.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон изјави дека го поддржува предлогот на Анан и смета дека тој е пат за политичка транзиција во Сирија.

ОН вчера соопштија дека конфликтот во Сирија се влошува и се’ повеќе личи на граѓанска војна со се’ почести верски судири. Мнозинството медиуми во Сирија ја поддржуваат власта и побуната ја нарекуваат тероризам. Само вчера во Сирија се убиени 82 лица, меѓу кои 31 војник.