1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Подготвена ли е Македонија за визна либерализација?

Колку новите пасоши и лични документи на македонските граѓани се безбедни и отпорни на фалсификати? Тим од Европската комисија деновиве ги оценува мерките што Македонија ги презеде за да и’ бидат укинати визите.

default

Дали наскоро и македонските граѓани ќе патуваат без визи во ЕУ?

Контролата на европските експерти почна во Министерството за внатрешни работи, а до петок тие ќе ги посетат и останатите надлежни институции. Домаќините во Скопје спокојно ја дочекаа контролната мисија. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, вели дека Македонија е подготвена за визна либерализација.

„Клучните критериуми одамна се исполнети во целост. Сега само треба соодветно да ги претставиме нашите достигнувања за кога ќе дојде моментот да донесат одлука, на располагање да ги имаат сите факти“, изјави министерката за внатрешни работи за државната телевизија. Освен за заштитата на личните документи, Европската комисија е заинтересирана за безбедносната состојба во земјата, како и за резултатите од борбата со криминалот и корупцијата.

Mazedonien Ausweis

Министерката Јанкуловска пред машината за печатење на новите македонски пасоши

Уште една контролна мисија во февруари

Тогаш ќе бидат оценувани достигнувањата на Македонија во делот на граничното управување, барањата за азил и миграција. Потоа, на крајот на март, ако претстојните избори во Македонија бидат одржани според меѓународните стандарди, Европската комисија треба да препорача визна либерализација за Македонија. Укинувањето на визите треба да биде изгласано во Советот на министрите за што е потребно двотретинско мнозинство.

Група студенти заминаа за Брисел за да го поддржат процесот за уривање на шенгенскиот ѕид. Педесетина млади активисти од проектот „Виза нема шанси“, во престолнината на Унијата ќе се сретнат со словенечки европарламентарци и еврокомесари. Ќе им предадат на надлежните петиција од 17 илјади потписи во кои се бара укинување на визите за македонските граѓани.

Од почетокот на 2008 година визниот режим помеѓу Македонија и земјите од ЕУ е олеснет, но истражувањата покажаа дека луѓето не се задоволни. Напротив, се жалат дека редиците и малтретрирањата во странските амбасади се се' поголеми.