1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Подароци за 288 евра

Германците годинава ќе потрошат пари за божиќни подароци како никогаш досега. Тоа ги радува не само трговците во Германија, туку и Европската комисија и САД.

Книги, играчки и облека - тоа се работите кои ќе ги има во најголем број под елките на Германците годинава. За најсаканите не се штеди. Според студија на Друштвото за истражување на потрошувачката (ГфК), Германците годинава ќе потрошат по околу 288 евра за подароци. Тоа се три евра повеќе отколку минатата година.

Повеќе од 80 милиони евра обрт за Божик

Трговијата на мало го чувствува расположението за трошење и е задоволна од прометот во првите денови од Адвентот. Здружението на трговците на мало очекува во ноември и декември обрт од околу 80 милиони евра. Тоа е 1,2% повеќе од лани и претставува рекорд воопшто досега. За тоа што паричниците се повеќе отворени годинава има повеќе причини. „Рамковните услови за добар божиќен бизнис се добри“, вели Штефан Хертел од Сојузот на германска трговија (ХДЕ). Стапката на невработени е мала, економската состојба е стабилна. „Луѓето имаат сигурност и пари и си дозволуваат по нешто повеќе себеси и на своите блиски.“

Weihnachtsgeschenke

Под елките ќе има најмногу книги, облека и играчки

Поголемата потрошувачка годинава се должи и на ниските каматни стапки. Потрошувачите повеќе сакаат да ги потрошат парите, отколку да ги однесат во банка за ниски камати, нагласува Ролф Биркл, истражувач на пазарот во ГфК. За великодушното трошење пред Божик има и уште една причина. „Многумина вработени добиваат 13-та плата, која радо ја инвестираат во подароци.“

Предбожиќното време ја поттикнува внатрешната потрошувачка и побарувачка. Тоа не чуди, ако се земе предвид дека расположението на потрошувачите, според ГфК, е најдобро во последните 6 години. А со оглед на тоа што Германците повеќе конзумираат, повторно повеќе и се увезува.

ЕК и САД се задоволни

Тоа им се допаѓа и на Европската комисија и на САД, зашто Германија во последните недели постојано беше мета на критики поради тоа што извозот го надминува увозот и тоа годинава за околу 92,4 милијарди евра. Силниот германски извоз претставува закана за стабилноста на глобалната економија - гласи обвинувањето што германската влада го слушна не само од американскиот претседател Обама.

Russen Weihnachtseinkäufe in Dresden

Трговијата на мало се радува на потрошувачкото расположение на Германците

Европската комисија сака дури да спроведе и истрага за тоа дали извозниот суфицит предизвикува економска нерамнотежа и со тоа претставува проблем за целата еврозона. Во најлош случај Германија е соочена со санкции од 2,5 милијарди евра.

Сепак, добриот предбожиќен бизнис не е доволен за долгорочно зајакнување на германскиот увоз, вели Јирген Матес од Институтот на германската економија. „Во наредната година треба да се привлечат во прв ред инвестиции и тука економската политика мора да постави јасни сигнали.“

Јасни сигнали во економската политика ќе има дури по Божик. Дотогаш трговијата на мало се радува на потрошувачкото расположение на Германците. А најголемиот промет допрва претстои. Колку повеќе наближува Божик, толку повеќе се троши. Најголемиот дел од Германците, имено, своите подароци - книги, играчки и облека, ги купува непосредно пред Бадник.