1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Погрешно сфатена толеранција, ако им се дозволи на Кинезите да опстои цензурата

Светот мора да заземе поцврст став и на кинеското раководство да му го искаже незадоволството поради неисполнетите ветувања. Коментар на Даниел Шешкевиц.

default

Неисполнети ветувања за целосна слобода на информирањето од олимпијадата во Пекинг

Во секоја земја на светот се блокираат страници на интернет, вели германскиот спортски функционер Михаел Веспер, обидувајќи се да најде разбирање за кинеските властодршци, кои и во прес-центарот на олимпијадата трајно или привремено блокираа сајтови на меѓународни медиуми како ББЦ, Франкфуртер алгемајне цајтунг или Дојче Веле. Точно е, се блокират, но споредбата е сепак погрешна и не е на место.

Во Германија се блокираат деснорадикални сајтови во интернет оти повикуваат на кривични дела, а и самото ширење деснорадикални идеи претставува кривично дело. Во Кина, напротив, им се попречува слободниот пристап кон интернет на допатуваните претставници на печатот, оти медиумите таму од државни причини постојано и систематски се контролирани. Зошто би требало гостите да смеат да го читаат она, што по правило му се спречува на сопственото население?


Самонаметната воздржаност на Западот


Кинеското државно раководство, од свој агол на гледање, постапува логично и консеквентно. Олабавување на медиумската цензура би било големо изненадување и би претставувало знак и спрема сопственото население. Оти, еднаш дадени слободи многу тешко можат да се повлечат; процесот на либерална еволуција најчесто развива тешко пресметлива сопствена динамика.

Наспроти на своите принципи верните Кинези, стои како восок мекиот став на Западот. Не само олимписки функционери, туку и политичари, па дури и претставници на новинарски организации, досега само млако протестираа, со самонаметната воздржаност во однос на мерките на цензура - сето поради погрешно сфатен прагматизам и силен стремеж кон благонаклонетоста на економската велесила во подем.


Кина не дозволува да дојде до израз светскиот спектар на мислења


Тоа е игра со оган, во која Западот лесно може да ја загуби својата душа. Оти, без слободна расправа и непречена размена на мисли, не вреди многу ни нашиот слободен пазарно-стопански поредок. Силата на нашите граѓански општества се базира врз толеранција и респект за поинаквото мислење на другите.

Кина го покани целиот свет на олимписките игри, но портите за светскиот спектар на мислења останаа затворени и таму, каде на новинарите им беше гарантирано право на непречен пристап до информации - во прес-ценатрот и во големите хотелски синџири во Пекинг.


Без притисок не се помрднува ниеден апарат на власта


Би била погрешно сфатена толеранција да им се дозволи на Кинезите да опстои таа цензура. Западот ќе си ја поткопа веродостојноста, Кина ќе се чувствува потврдена во сигурното чувство дека и натаму никој нема што да и’ пропишува кај човековите права. Освен тоа, без притисок не се помрднува ниеден апарат на власта, посебно не режимите што се потпираат врз репресија.

Олимпијците и функционерите треба да им го укажат потребниот респект на земјата-домаќин и нејзините обичаи, како што се очекува од добар гостин. Но, ако правилата на играта одат против темелниот карактер на нашиот ред на вредности, мора и со сето несогласување да им се укаже на тоа.


►◄