1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Погрешен тајминг и погрешни тонови

Рускиот претседател Дмитриј Медведев го одржа говорот за состојбата на нацијата, по само неколку часа по изборот на новиот американски претседател Барак Обама. Но, не беше лош само тајмингот.

default

Рускиот претседател Дмитриј Медведев одржа говор за состојбата на нацијата

Всушност рускиот претседател сакаше говорот во парламентот за состојбата на нацијата да го одржи уште кон крајот на октомври, но го одложи за 5. ноември. И го одржа на само неколку часа по изборот на новиот американски претседател. Имајќи ги предвид затегнатите односи меѓу Западот и Русија, тој не можеше да одбере полош тајминг за одржување на ваков стратешки говор. За политичката мудрост на Медведев зборува фактот што тој во говорот одбегна остри анти американски изјави кои се во стилот на други руски политичари. Сепак, невкусно беше тоа што Медведев го одржа говорот кратко по историската победа на Барак Обама.

Повторувањето на примитивните тези дека САД се виновни за војната во Грузија, за финансиската криза и за многу други проблеми во светот, веројатно звучи логично од руски аспект. Но, ваквите тврдења не и’ соодветствуваат на комплексната реалност. И покрај одредени критики кон Вашингтон, со ваквите тези не се согласуваат ниту во Европа. Особено не сега, кога со изборот на Барак Обама се случи промена во американската политика.

Се засилуваат европските стравувања од Русија

Дека Русија е против стационирањето на американскиот ракетен штит во Полска и Чешка - тоа ни е одамна познато. За тоа не ни требаше да го чуеме говорот на Медведев. Но, неговите најави дека во Калининград ќе постави руски ракети со краток достерел од типот Искандер, е клучната реченица од говорот на Медведев, којашто ќе ја запаметат западните политичари и граѓаните.

Obama Sieger der US-Wahl 2008

Говорот на Медведев следеше на само неколку часа по победата на Обама

И покрај тоа што стационирањето на руските ракети во Централна Европа има ограничено воено значење, со ова се заострува сликата на агресивна Русија. Иако стационирањето на овие ракети треба да ја покаже силата на ова земја, со тоа се засилуваат само европските стравувања од Русија.

Медведев предлага политички реформи

Со изборот на тајмингот за говорот и изјавите за надворешната политика Медведев не си направи услуга. Додуша во однос на внатрешната политика понуди интересни работи. Особено во делот на планираните политичките реформи - како на пример, намалување на границата од 7 проценти за влез во парламентот и поедноставување на регистрацијата на партиите и кандидатите. Ова може да се смета како претпазлив напор за либерализација на политичките структури, кои беа поставени во времето на неговиот претходник Путин. Медведев упати и остри критики до бирократскиот државен апарат и ги нагласи плановите за образовна офанзива. Според него тука лежат најголемите проблеми во Русија. Но, ваквите изјави, на ваков ден, се веројатно интересни само за руските експерти, а не и за јавноста во Европа.

Односите на Европа со САД приоритетни

Со историската победа на Обама и крајот на осумгодишната ера на Џорџ Буш се очекува да започне нова фаза во трансатлантските односи, во кои Русија не сака да учествува. И да нема единство за сите политички прашања меѓу САД и ЕУ, руското раководство треба да е свесно, дека за Европа, исто така и за Германија, партнерството со САД е меѓу приоритетите. Односите со Русија, за Европа се важни, но во споредба со САД - иако тоа нерадо го слушаат во Москва - немаат исто значење. Тоа го покажа и огромниот интерес во Европа за американските избори, како и воодушевувањето од победата на Обама. Наспроти ова говорот на Медведев ќе остане запаметен само по едно: дека Русија сака да стационира нови ракети во Калининград.