1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Поголеми права за поседување оружје

Врховниот суд на САД донесе одлука со која се проширува Законот од 1998 година, според која сите Американци имаат право да поседуваат оружје. Со стариот закон, поседувањето на оружје беше забрането во Чикаго.

default

Сите Американци имаат уставно право да поседуваат оружје

Тоа често се нарекува „најамериканското од сите уставни прашања“, прашањето дали секој Американец навистина има уставно право да поседува оружје. Отис Мекдоналдс на ова прашање одговара со категорично „да“, и затоа заедно со други истомисленици во неговиот роден град Чикаго поднесе тужба против забраната за поседување оружјe.

Одлуката важи за сите сојузни држави во САД

„Овде десно не би требале да излегуваме. Тој дел од градот е особено опасен“, рече пензионерот пред неколку месеци, кога ја покажуваше својата населба на репортерката од СиЕнЕн. Мекдоналдс раскажуваше за трговија со дрога и банди и како повеќе пати бил нападнат во неговата куќа. Тој вели дека би сакал да може самиот да се брани, но строгиот закон за поседување оружје во Чикаго му забранува да поседува оружје.

Otis McDonald vor Supreme Court

Отис Мекдоналдс пред Врховниот суд на САД

Сега Мекдоналдс и другите тужители добија радосни вести, оти Врховниот суд на САД донесе пресуда во нивна полза. Со одлуката која беше донесена со мала предност од еден глас 5:4, ќе биде проширено правото за поседување и носење оружје. Ова право не само што ќе мора да го почитува владата во Вашингтон, туку и поединечните сојузни држави и општини. Со тоа Врховниот суд на САД прошири една постара пресуда. Во 2008 година Судот, повикувајќи се на Уставот, веќе ја отфрли забраната за поседување оружје во главниот град Вашингтон. Но, поради тоа што Вашингтон не е држава, туку сојузна област, пресудата не можеше едноставно да биде префрлена на сојузните држави.

Победа на американските здруженија за оружје

Chicago

Одлуката важи и за Чикаго

Сегашната пресуда е победа за американските здруженија за оружје, кои енергично лобираа во Вашингтон. „Правото за поседување оружје е дадено од Бога, а со Уставот уште еднаш е потврдено“, рече во март Вејн Лапјер, заменик претседател на здружението за оружје НРА. Во САД се водат жестоки дискусии околу правото за поседување оружје. Низ целата земја во рацете на скоро 90 милиони приватни лица, има повеќе од 200 милиони парчиња оружје. Просечно во САД од прострелни рани умираат 80 луѓе дневно. Градот Чикако аргументираше дека со забраната за поседување оружје ќе има помалку насилство и криминал, секоја година ќе бидат спасени 700 човечки животи.

Поборниците за построги закони за оружје се обидуваат пресудата да не ја сметаат за целосен пораз и укажуваат на мала искра надеж. Имено, судиите не прецизираат дека правото на поседување оружје во никој случај не смее да биде ограничено. Така на пример, би било во согласност со Уставот, доколку на осудените прекршители на законот не им се даде право на поседување.

Автор: Сабине Милер/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска