1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Поглед кон амбисот

Германската влада го усвои предлог буџетот за 2010 год. При составувањето на финансиската конструкција надлежниот министер мораше да се бори со последиците од рецесијата. Нацртот предвидува ново рекордно задолжување.

default

Ситуацијата може да ја набљудуваме и со очилата на црниот хумор, оти има добра и лоша вест. Добрата е тоа што на германската влада повторно и’ успеа во предлог буџетот за наредната година да ги изедначи приходите и расходите. Лошата вест е: за да се постигне тоа, предвидено е ново задолжување од речиси сто милијарди евра.

Предлог буџетот за 2010, претставува поглед во амбисот. Речиси една четвртина од расходите, сојузната каса мора да ги финансира преку долгови. Министерот за финансии Пер Штајнбрик предвиде 96 милијарди нови задолжувања. Во среднорочното финансиско планирање, до 2013 година, предвидени се 310 милијарди евра нови задолжувања. Со тоа, Германија повторно ќе ги прекрши одредбите од европскиот Пакт за стабилност на еврото.

Мотото гласи: за вонредни состојби се потребни и вонредни мерки

Факт е дека околностите се се’ друго освен нормални. Како последица на банкарската криза светското стопанство падна во длабока рецесија. Економијата во Германија, според проценките, годинава ќе забележи пад од околу шест проценти. Ова ќе доведе не само до намалување на придонесите од даночните обврзници во опсег од повеќе милијарди евра, туку и до значителнo зголемени оптоварувања на државниот буџет. Така, за банките мора да бидат подготвени пакети за санација, за останатите економски гранки беше основан фонд за премостување на кризата. Двете конјуктурни програми ја поддржуваат драматично намалената побарувачка. За финансирање на драстичното зголемување на принудните одмори, потребни се кредити од сојузниот буџет во висина од повеќе десетици милијарди. Сојузниот буџет мора да им притекне на помош со кредити и на други гранки на социјалните системи, а веќе мора да се смета и со дополнителни намалувања на приходите во државната каса, бидејќи Врховниот суд наредни придонесите за здравствено осигурување да можат полесно да се повратат при даночната пресметка.

Peer Steinbrück

Министерот за финансии Пер Штајнбрик

Министерот за финансии всушност сакаше нареднатата година да го направи последниот чекор на патот кон санација на буџетот и во 2011 година, за првпат по 40 години, да поднесе изедначен буџет во приходи и расходи, без нови задолжувања. Наместо тоа мора да презентира рекордно задолжување, кое уште пред една година беше незамисливо. Сепак исправен е пристапот да не се штеди во време на криза, туку наместо тоа високите дефицити и дупки во буџетот да се покријат со ново задолжување. Нема алтернатива за ваквата политика. Бидејќи ригорозен курс на штедење ќе предизвикаше драматични колатерални штети. Тој ќе ја ослабнеше ионака слабата побарувачка и ќе ја влошеше конјунктурната криза, како и состојбата на пазарот на трудот и финансиската ситуација на социјалните каси. Сето тоа на крајот ќе доведеше до натамошно опаѓање на приходите во државната каса.

Мора да се каже вистината

Но, исто така е јасно дека во случај на опоравување на конјунктурата ќе мора да се преземат нови чекори за санирање на буџетот. Тоа значи: во наредните години ќе недостасуваат пари во јавните каси за намалување на даноците. Со тукушто усвоената законска „кочница за натамошни задолжувања“ ќе се зголеми притисокот за консолидирање на буџетот. По изборите за Бундестагот, без оглед кој ќе победи на нив, ќе мора да се сведе сметка и да се каже вистината за состојбата во буџетот. Покачување на даноците и социјалните придонеси се многу поверојатни, отколку нивно намалување. Во времињата кога тоа не беше толку неопходно беше продаден имотот на државата и парите се искористени. Сега, кога навистина ни‘ се потребни - едноставно ги нема!

Автор на коментарот: Карл Завадски

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска