1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Погледот насочен кон Европа

„Металург“ е неприкосновен господар на македонскиот ракометен простор. Тренерот Червар и играчите сега го насочуваат вниманието кон Лигата на шампионите, а размислуваат и за квалификациите за Европското првенство.

Еден од столбовите на екипата: Филип Миркуловски

Еден од столбовите на екипата: Филип Миркуловски

Филип Миркуловски, еден од носителите на играта на Металург, оценува дека зад себе оставаат една од најуспешните сезони.

„Успеавме да ја одбраниме дуплата круна од претходната сезона, така што ова е една од поуспешните сезони на Металург на домашната сцена. Го победивме Вардар во сите 5 натпревари“.

Миркуловски вака ја лоцира силата на Металург.

„Ние сепак имаме константна екипа веке 3 - 4 години наназад. Повеќето сме македонски играчи. Заедно играме и во репрезентација, такашто немавме проблем во нашата игра“.

Лигата на шампионите - приоритет

Македонската лига, во која првакот е без пораз, а најблиските конкуренти Вардар и Пелистер заостануваат за 20 односно 30 бодови, не може да се оцени како квалитетна. Во формирањето на регионалната лига на клубови од Балканот и од Средна Европа, Миркуловски гледа поголем натпреварувачки предизвик.

„Квалитетот на нашата лига е доста слаб, со исклучок на Вардар и Пелистер, кои имаат подобри екипи и кои можат да ни парираат. Затоа мислам дека и не можеме да постигнеме поголем успех во Европа. Сепак, од следната година ќе стартува Регионалната лига и ќе играме против поквалитетни тимови.“

Тренерот Лино Червар

Тренерот Лино Червар

Учеството во Лигата на шампионите сепак ќе е главниот приоритет за Металург, на чие чело останува и во наредната сезона тренерот Лино Червар.

„Откако дојде Лино Червар, спонзорт и управата поставија цел да има што повеќе македонски играчи во клубот. Тоа и го направија. Следен чекор е да се земат неколку интернационални засилувања со поголем квалитет, кои ќе помогнат во Европа. Доколку најдеме вистински засилувања, би требало да ја минеме групата во Лигата на шампионите“.

Европското првенство е достижно

Набрзо следи и завршницата и од квалификациите за Европското првенство, мечевите на Македонија против Естонија и Босна и Херцеговина. Миркуловски очекува позитивна разврска.

„Естонија треба да ја победиме на гости, а БиХ на домашен терен. Ни требаат две победи. Сами си ја искомплициравме работата со поразот против Унгарија дома. Сега сами треба и да се извлечеме. Естонија не е наш квалитет, малку е послаба. Но, и таа гледа единствена шанса, доколку не победи, за прв пат да се пласира на Европското првенство. Мислам дека ќе биде доста тешко, ние ќе го дадеме својот максимум и ќе одиме на победа на тие два натпревари за после 13 години повторно да се пласираме на Европско првенство“.

Автор: Златко Калински

Редактор: Горан Чутаноски