1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Повторно убиени војници на НАТО

Во повеќе бомбашки напади во Авганистан загинале четворица припадници на ИСАФ-трупите. Во воздушен напад на НАТО, пак, настрадало авганистанско семејство. Односите меѓу Карзаи и меѓународните партнери се затегнуваат.

Експлозивните направи од кои загинале војниците на ИСАФ-трупите биле сокриени на работ на патот, соопшти портпарол на меѓународните заштитни сили во Авганистан под команда на НАТО. Детали за инцидентите и за националната припадност на загинатите војници меѓутоа не се соопштени. Британското министерство за одбрана, пак, објави дека еден од убиените е нивен војник. Во овој месец во Авганистан веќе загинаа 33 НАТО-војници, a од почетокот на годината 165.

Авганистанските власти, пак, соопштија дека осум цивили загинале во бомбардирање на НАТО во источен Авганистан.

Коалициските сили истакнаа дека се информирани за инцидентот и ги истражуваат настаните кои се случиле доцна синоќа во провинцијата Пактија.

Портпаролот на провинцијата денеска изјави дека маж, жена и нивните шест деца се убиени во бомбардирање на коалициските сили во селото Сури Хаил во осум часот вчера вечер по локално време.

Смртта на цивилите кои се жртви на вкрстениот оган во војната, продолжува да биде повод за затегнување на односите меѓу авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и меѓународните партнери.