1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Повторно солзавец во Истанбул

Кога почна да се претпоставува дека протестното движење против турскиот премиер Реџеп Tаип Ердоган е готово, во Истанбул повторно дојде до жестоки улични премсетки на полицијата и критичарите на власта.

Во турската метропола Истанбул во текот на ноќта (12/13.09) полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера неколкуте илјади демонстранти собрани пред просториите на владејачката партија АКП во квартот Кадикој. Според изјави на очевидци, апсени се повеќе лица.

Претходниот ден, во истиот кварт, дојде до безредија во кои се повредени повеќе луѓе. Туrските медиуми јавија дека судири меѓу демонстрантите и полицијата имало и во Анкара и Антакија.

Смртта на едно момче во Антакија, на југот на Турција, во понеделникот (09.09) повторно го разгоре бесот на населението против власта и безбедносниот апарат. Според изјави на очевидци и роднини на 22-годишникот, тој бил погоден во главата од патрон на солзавец. Министерството за внатрешни работи пак, отфрла каква било одговорност и нагласува дека момчето паднало од покрив на зграда, од каде фрлалo со камења врз полицајците.

Протестите во Турција се разгореа во март, откако беше расчистен кампот со кој требаше да биде спречена изградба на објект во паркот Гези, на маргините на плоштадот Таксим во Истанбул. Непосредно потоа демонстрациите се проширија во целата земја. Тие сега се насочени пред се‘ против постапките на полицијата и курсот на премиерот Ердоган, за кој демонстрантите тврдат дека е се‘ поавторитарен.