1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Повторно само купено време

Грција треба да банкротира, а Европа треба да и помогне одново да ги изгради пренатрупаните и корумпирани државни институции. Банкротот ќе се случи најдоцна наесен, коментира Хенрик Беме.

default

Речиси веќе и да се навикнавме на тој ритуал. Постоеше краен рок, во случајов, 20 март. И познатото тврдење дека Грција, ако дотогаш не добие нови милијарди помош, на тој ден ќе банкротира. Потоа следеа мачни денови и недели преговори и на крајот кризен самит. Тој и овојпат заврши во раните утрински часови со очекуваната вест: Атина може да здивне, банкротот е спречен во „последен миг“. По оние 100 милијарди евра одобрени во 2010. година, новиот пакет помош е тежок 130 милијарди евра. Дополнително, тука се и простените долгови од страна на приватните доверители.

Само што, ова повторно нема да биде последниот пакет со помош за Грција. Само што овојпат владата во Атина мораше да направи далеку поболни отстапки. Враќањето на долговите ќе оди преку посебна сметка со која нема да располага грчката влада. Тоа може да се нарече губење на националниот суверенитет, но на тој начин барем постои каква-таква гаранција дека Грција ќе ги врати долговите и нема да ги троши парите за друга намена.

Притоа на ум треба да се имаат две нешта. Прво, во оваа акција за спасување не се работи само за Грција. Се спасува и финансиската бранша, иако таа на хартија се откажува од дел од своите побарувања. Грција е најмногу задолжена кај приватните банки, инвеститори и осигурувателни компании. Па така, една четвртина од помошта наменета за Грција воопшто нема да оди во Атина, туку директно на сметките на доверителите. Банкарското лоби добро си ја одработи задачата, постојано говорејќи за страотни сценарија и непредвидливи верижни реакции и можен распад на целиот систем. И тоа за една стопански така беззначајна земја како Грција.

Kommentarbild Henrik Böhme Bonn Deutsch

Хенрик Беме

Грција е одамна банкротирана

И притоа, а тоа е вториот аспект, Грција во суштина е одамна банкротирана. Само што тоа нема кој да го соопшти. Долговите се на 160 отсто од вкупниот општествен производ, а сега, со новиот план треба да бидат намалени на 120 проценти до 2020 година. Која е тука разликата?

Вистината е далеку поедноставна: се работи за заостаната земја. Инвестициските фондови одамна ја сметаат Грција за земја на прагот на индустрискиот развој. Банките одамна симулираат сценарија за враќање на драхмата. Тоа е земја со џиновска државна управа која не функционира. Зошто актуелниот извештај на т.н. тројка (ЕУ, Европска Комисија и ММФ) се држи во тајност? Бидејќи ги изнесува токму тие вистини. А тоа дека ниту овие 130 милијарди евра не се доволни да се запре економската пропаст на Грција.

Затоа решението мора да биде далеку порадикално. Грција не може да се принуди да ја напушти еврозоната. Затоа на европјаните мора јасно да им се каже: ова ќе не чини многу скапо и на долг рок. Но треба да се прекине лошата политика на пакети со помош и тоа веднаш, и да и се помогне на земјата одново да се пронајде себеси. Со сите средства кои се потребни: со поттикнување инвестиции, целна поддршка и пред се’ преку она што во стручен жаргон се нарекува „state building“- изградба на функционална држава. И тука помага само едно: банкрот на Грција. Најдоцна наесен, кога ќе се стабилизираат другите проблематични членки на еврозоната како што се Шпанија и Италија, до тоа може да дојде. Хеџ фондовите веќе се обложуваат на таа опција.

Автор: Хенрик Беме

Превод: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Поврзана содржина