1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Повторно пукотници во училиште во САД

Повторен случај на пукање во американско училиште: во градот Сентениал во сојузната држава Колорадо се ранети најмалку две лица, а напаѓачот, 18-годишен ученик, се самоубил.

Според соопштението на полицијата, осумнаесетгодишен ученик од средно училиште во градот Сентениал, во американската сојузна држава Колорадо вчера се самоуби откако отвори оган во кругот на училиштето. Во овој напад ученикот Карл Пирсон ранил уште една соученичка. Во текот на нападот, Пирсон влегол во училиштето вооружен со пушка, одејќи по ходниците и барајќи еден од учителите.

Учителот веднаш побегнал од училиштето, објаснувајќи дека се надевал дека Пирсон ќе појде по него, а подалеку од другите ученици. Во еден момент за време на инцидентот, Пирсон пукал во 15 годишна ученичка, и тешко ја ранил. Во меѓувреме, учителите и полицијата забрзано го евакуирале училиштето. На крајот на инцидентот, Пирсон се самоубил.

Соучениците велат дека Пирсон бил агресивно момче и им се заканувал на соучениците и на учителите. Тој бил и коментатор на социјалните мрежи, каде пишувал пораки со критики против Републиканската партија.

Градот Сентениал, каде се случи нападот, како дел од метрополата Денвер, е десетина километри оддалечен од градовите Аурора и Литлтон, местата каде беа извршени два големи вооружени напади. Во Литлтон во 1999. година двајца ученици убија 10 соученици и еден учител, додека минатата година во Аурора, душевно болен напаѓач застрела 12 посетители на премиерата на најновиот филм од серијалот Бетмен. Нападот во Сентениал се случи еден ден пред годишнината од крвавиот напад во училиште во градот Њутаун во Масачусетс, каде душевно болно лице уби 20 ученици и шест вработени.