Повторно прекршено примирјето во Газа | Теми на денот | DW | 19.12.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Повторно прекршено примирјето во Газа

Палестинските фракции на Фатах и Хамас утринава размениле оган во појасот Газа. И покрај негодувањата на Хамас, палестинскиот претседател Абас не се откажува од идејата за предвремени избори како единствено решение за излез од кризата. За тоа ја доби поддршката од британскиот премиер Тони Блер.

Вооружен припадник на Хамас

Вооружен припадник на Хамас

Палестинската полиција блиска до Хамас и силите на Фатах утрово повторно се судрија во близина на болница во Газа. Во престрелките едно лице загинало, а 11 биле повредени, јавуваат агенциите. До судирот дошло кога полицијата на Хамас сакала да уапси припадник на безбедносните сили на Фатах - блиски до претседателот Абас - за кој се сомневало дека учествувал во претходните престрелки. По зачестените судири и жртви, двете палестински фракции во неделата потпишаа примирје, но последниот инцидент покажува дека тоа тешко се одржува. Внатрепалестинските судири еруптираа по изјавата на палестинскиот претседател Абас дека сака да распише предвремени избори за да се реши деветмесечната владина криза. Хамас го обвини Абас дека сака да изврши удар и да ја смени легално избраната влада.

И покрај ваквите негодувања претседателот Абас се повеќе ја турка идејата за предвремени избори. За него е крајно време да се прекине страдањето на народот кој не добива помош од Западот откога на власт дојде владата на Хамас. По вчерашната средба со британскиот премиер Тони Блер, Абас изјави:

„Изборите сигурно ќе помогнат да излеземе од кризата, што ќе води кон отстранување на стопанската блокада и кон трајно примирје меѓу Палестина и Израел.“ Абас сепак остава отворена врата за формирање на голема коалиција меѓу Фатах и Хамас со технократски кабинет со што ќе се задоволат и барањата на Западните земји.

Абас ја доби поддршката на Блер:

„Сакаме да работиме со умерени и толерантни луѓе кои разбираат дека во денешниот свет луѓе од различни вери и потекло работат заедно. Со луѓе кои знаат да преземат одговорност и кои ја сфаќаат реалноста и кои се подготвени да сторат се за да им се помогне на луѓето што страдаат. Немам сомневање дека вие господине претседателе, ги исполнувате сите овие критериуми“, рече Блер кој е во ненајавена турнеја на Блискиот Исток.