1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Повторно консултации за името

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун најави дека за време на Генералното собрание на ОН се можни средби меѓу македонските и грчките политичари, за решавање на спорот за името. Тој од двете страни побара флексибилност.

default

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун

Преговорите меѓу Скопје и Атина, околу спорот за името, по се’ изгледа се придвижуваат од мртва точка. Пред почетокот на новата 65-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, првиот човек на Светската организација, Бан Ки-мун, одговарајќи на прашењето на дописникот на Дојче веле, потврди дека неговиот преговарач Матју Нимиц почна со нови консултации со двете страни. Бан притоа, на извесен начин не ја исклучи можноста и самиот да се вмеша во преговорите. „Како што тоа го правев во минатото, така ќе

Mazedonien UN Vermittler Matthew Nimetz in Skopje

Метју Нимиц при посета на Скопје

продолжам да правам се’ што можам, за да имаме хармонизирана солуција за прашањето за името, кое има сериозни политички импликации”, кажа Бан Ки-мун, кој зборуваше за „компромис” во врска со ова прашање.

Тој посочи, дека неговиот специјален пратеник, Метју Нимиц веќе имал „активни дискусии со двете страни за ова прашање”. Бан навести, дека Нимиц токму сега се консултира со македонските и грчките дипломати околу „аранжирање на соодветни состаноци, додека делегациите бидат во Њујорк на Генералното собрание”. Генералниот секретар на Обединетите нации додаде, дека тој целосно го поддржува амбасадорот Нимиц.

Македонските преговaрачи подготвени

Од своја страна, македонскиот амбасадор во Вашингтон Зоран Јолевски, за Дојче веле потврди, дека минатиот петок телефонски разговарал со амбасадорот Нимиц. Но, Јолевски

UN Vermittler Matthew Nimetz und mazedonischer Botschafter Zoran Jolevski in Skopje, Mazedonien

Метју Нимиц со амбасадорот на Македонија во Вашингтон Зоран Јолевски

не сакаше да даде повеќе детали во врска со тоа.

Од дипломатски извори се дознава, дека на евентулни преговори во Обединетите нации, од македонска страна би учествувал претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Се’ уште не се знае, дали од грчка страна би учествувал премиерот Јоргос Папандреу или новиот министер на надворешни работи на Грција, Димитрис Друцас.

Спорот за името трае предолго - сметаат дипломати

Веќе подолго време во Њујорк може да се чуе, дека некои дипломати сметаат, оти преговарачкиот процес помеѓу Грција и Македонија сепак трае предолго, веќе 17 години. Генералниот секретар Бан Ки-мун, и покрај тоа што не може легално да ги натера двете страни да го забрзаат процесот, сепак можеше да интервенира од морална гледна точка, и да апелира првенствено до Атина. Генералниот секретар можеше да се ангажира повеќе, кажа за нашата програма еден дипломат, кој сакаше да остане анонимен. Тој потсети, дека уште пред 15 години, во Њујорк, во седиштето на ОН, е потпишана времената спогодба. Со неа двете страни (Грција и Македонија) се обврзаа, дека се’ додека трае процесот на решавање на спорот околу името, нема да си пречат една на друга при зачленување во меѓународните организации.

Бан Ки-мун бара флексибилност

UN Generalsekretär Ban Ki Moon

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун

Генералниот секретар Бан Ки-мун пак, за нашата програма кажа дека тој и понатаму ќе инсистира на флексибилноста кај двете страни: „Имав многу состаноци со премиерот и министерот на надворешни работи на Грција, како и со претставниците на ФИРОМ, за потребата, ова прашање, да му се пријде со чувство за флексибилност и меѓусебно разбирање”, кажа Бан, најавувајќи дека и понатаму ќе бара флексибилност.

Но, генералниот секретар избегна да даде конкретен одговор на нашето конкретно прашање: Дали верува дека спорот со името на Македонија може да стане хронично, „замрзнато” прашање? Тој не кажа, дали верува, дека прашањето за името, ќе биде решено во рамките на неговиот прв мандат како генерален секретар на ОН, до крајот на 2011 година?

Автор: Ерол Авдовиќ

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM