1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Повторно е потребна тивка дипломатија за спорот со името

По европските избори во Грција нема да се создадат поволни перспективи за наоѓање решение на спорт со името со Македонија, смета Димитрис Керидис, вонреден професор на „Универзитетот Македонија“ во Солун.

default

Атина и Скопје треба да ги приближат ставовите

Атина и Скопје треба да ги приближат ставовите. По изборите за Европскиот парламент во Грција, планирано е посредникот во спорот со името Метју Нимиц да преземе нова иницијатива за изнаоѓање решение. Американскиот дипломат се обидува да најде решение речиси една деценија - досега без успех. Димитрис Керидис е вонреден професор по меѓународни односи на „Универзитетот Македонија“ во Солун. Според него, по европските избори нема да се создадат поволни перспективи за наоѓање решение.

„Според прогнозите за изборите, владејачката партија ’Неа Демократија’ ќе доживее пораз и во таков случај би имала потешкотии да протурка компромисно решение. Кај нашите соседи изгледа уште полошо, имено таму на власт е бескомпромисна, националистичка влада, која сака да извлече корист од сегашната ситуација,“ вели професор Керидис.

Чувствителна тема

Речиси 20 години спорот со името во Грција е тема полна емоции. Посебно чувствителни на неа се мнозинството луѓе на северот на земјата, зашто имаат чувство дека нивниот национален идентитет не е доволно признат. Тоа може да се објасни историски, смета професорот Керидис:

„Го имаме задржано романтичарскиот национализам на 19-от век, во секој случај не е доведен под доволно силен сомнеж. Луѓето реагираат особено чувствително токму во грчка Македонија. Не заборавајте, се работи за погранично подрачје, грчката власт во овој регион била воспоставена дури пред стотина години. Многумина од жителите и самите се бегалци од Мала Азија или од други места. Тие стравуваат дека сомнежот во нивниот идентитет ја доведува во прашање и нивната сопствена интеграција во нашето општество“, вели професор Керидис.

Ниеден предлог не се прифаќа

Посредникот во спорот околу името, Метју Нимиц веќе изнесе повеќе компромисни предлози, меѓу нив и „Горна Македонија“ или „Нова Република Македонија“.

Mathew Nimitz, UN Mediator in dem Namentstreit zwischen Mazedonien und Griechenland

Нимиц пак ќе има работа...

Уште на почетокот на деведесеттите години во Атина беше одбиван стриктно секој предлог кој го содржеше и името Македонија. Во меѓувреме се покажува готовност за разговори, иако не постои одушевеност од некоја компромисна формула. Професорот Кердис се надева на решение во спорот со името и полага надежи пред се‘ во младите луѓе:

„Од лично искуство знам: младите луѓе реагираат остро, но ако вистински им се објаснат работите и ако настаните им бидат претставени во вистинска поврзаност, тие разбираат за што се работи и го насочуваат погледот кон иднината. На универзитет ние можеме да си го дозволиме тој луксуз, зашто емоционалното опкружување е позитивно,“ вели професорот Керидис.

Брзо решение на спорот со името не е на повидок. По изборите за Европскиот парламент во Грција посредникот од ОН, Метју Нимиц, повторно мора да спроведува тивка дипломатија.


Автор: Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM