1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Повторно да се отворат прозорците на Македонија кон светот“

Кандидатот на СДСМ за претседател на Македонија, Љубомир Фрчкоски во интервју за Дојче веле говори за политичките и економските цели, што ќе ги следи, доколку биде избран на функцијата. Со него разговара Нада Штајнман.

default

Господине Фрчкоски, Вашиот слоган на овие претседателски избори е „Македонија интегрирана и обезбедена“. Вашиот фокус е на евроатланските интеграции. Оптимист сте и велите дека Македонија наскоро веќе може да влезе во НАТО. Од каде доаѓа овој Ваш оптимизам?

Зарем е тоа оптимизам, кога Македонија требаше веќе да биде во НАТО. Да не се случеше овој грозен чекор назад од страна на актуелната власт, земјата ќе беше во НАТО, според логиката на проектот на претседателот Трајковски, заедно со Јадранската група. Се случи прво фијаското во Букурешт, но потоа испуштањето на предлогот, којшто беше готов некаде во октомври - ноември мината година и кој беше подобар од проектот во Букурешт, поради суетата и вртењето на комплетната сегашна власт кон изолација и кон некакво инаетење со меѓународната заедница и земјата заглави во дупка. Сега конечно стана оптимизам да се смета дека Македонија може да влезе во НАТО, што претставува сериозно нарушување на меѓународната позиција на земјата, која сметам дека е приоритетна за мојата позиција, односно мојата кампања, да ги вратам пријателите на Република Макеоднија без кои не можеме да ја биеме битката за македонскиот идентитет, име јазик, што било.

Вие и префрлувате на владата за сите неуспеси, за она што го доживуваше светот за Македонија, дека во земјата не постои согласност меѓу опозицијата и власта за важните клучни стратешки прашања за Макеоднија. Што Вие како можен иден претседател на Македонија ќе бидете во можност да направите за да ја подобрите климата во која ќе се донесуваат важни одлуки за државата?

Не би било фер и би било неправедно и конечно неточно доколку се прави симетрија меѓу одговорноста на власта и на опозицијата. Кој било да е на власт и кој било да е во опозиција, односите се деведесет спрема десет (насто). Меѓутоа главните поенти на надворешната политика ја води власта и така се однесуваат сите странци кон земјата. Прашувањето што правите и дали знаете што значи антиквизацијата, преиспитувањето на идентитетотот на македонскиот народ по 20 години, знаете каква консеквенца има? И соодветно така се однесуваат кон земјата, ја оставија настрана и без интервенции. Сега кога ќе прашате за Македонија во НАТО премолчуваат дека земјата треба прво да реши некои проблеми, кои се клучни, кои станаа, за жал, меѓународни прашања, а не само билатерални прашања меѓу Македонија и Грција. Успеавме за една и пол година од доброто момче во филмот со Грција во кој бевме жртва и под притисок, да станеме лошото момче, а Грција почна да наидува на разбирање во меѓународната заедница за нејзината позиција. Сега земјата се наоѓа во многу, многу полоша позиција отколку пред една година.

Како претседателот може кон тоа да придонесе? Може многу, нема многу време да се расправа со извршната власт, меѓутоа претседателот може повторно да ги отвори прозорците на Македонија кон светот, може да ги засили и обнови пријателствата, кои се неопходни за да се брани и спроведе македонскиот национален интерес, и може да отвори опции внатре, бидејќи претседателот ја претставува земјата не само кон надвор туку и кон внатре. Тој директно пред граѓаните ги претставува опциите за развој на земјата, нејзината интеграција, вовлекување во кругот на сериозни зони за инвестирање. Во моментов, Македонија е најсиромашната земја во регионот. Тоа земјата никогаш не била. Од тоа мора да се извлече со сосема друго политичко лидерство, кое ќе почне од 22 март, односно од 5 април, односно по резултатот од изборите и поразот на оваа политичка опција, која се обидува да ја зграби целата власт и да создаде едноумие на изолацинизмот.

Frckoski Kandidat Wahl in Mazedonien

Велите дека прашањето за името не треба да се решава со дискусии по сокаците во Скопје или на Балканот, туку целта треба да се оствари во Брисел и Вашингтон, кадешто се центрите на меѓународната дипломатија. Сакате да ги повратите симпатиите, Вие сте оптимист и по ова прашање и велите дека веќе напролет ќе може да се реши прашањето со името. Како?

Прашањето со името и основите за неговото решавање се поставени. Нема што посебно да се открива. Ќе Ве потсетам, во октомври - ноември (минатата година), она што го споменав како подобра опција од онаа во Букурешт беше следната: македонскиот идентитет и јазик, националност со терминот ’македонски’ требаа да бидат гарантирани во пакет. Не само дека не се доведени во прашање, туку требаа во пакетот да бидат гарантирани и ќе станеа посебно видливи. Од друга страна се расправаше само за меѓународното име кое ќе ја замени референцата ФИРОМ и тоа меѓународно име беше подобро и ќе биде подобро, доколку јас ја водам таа работа, од името кое ВМРО-ДПМНЕ и полтичката елита го прифати во Букурешт, а тоа е Република Македонија (Скопје). Значи концептот на решавање е следен: гаранција за македонскиот идентитет и јазик и меѓународно име кое ќе го замени ФИРОМ, а ќе биде подобро од Република Македонија (Скопје), позасновано во историјата на земјата, и такви предлози веќе постојат. Тоа се две основи на кои се потпира тоа решение. Но, мора некој да преземе политичка одговорност за вистински преговори. Тоа го нема во Македонија. Во Македонија власта не сака да преземе политичка одговорност.

Кампањата треба да се базира врз политиката, па дури и врз карактерите на кандидатите, а не врз закани, порача американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер, според кој тоа е услов за да се одржат демократски и фер избори во земјата. Како претседателски кандидат, каков карактер нудите или имате за да бидете добар претседател на Република Македонија? Особено затоа што самиот се нарековте дека сте македонски националист.

Профилот на македонскиот претседател е дефиниран во македонскиот Устав. Значи во Уставот е дефинирана неговата автономна позиција - не смее да биде зависник од други центри на моќ, што е вистински хендикеп на некои од кандидатите кои ги имаме сега. Потоа тој мора да има сила да кохабитира. Но, кохабитацијата не е послушништво кон другите, туку вистински дијалог со нив. Трето, мора да има добра меѓународна позиција, бидејќи силата на мала држава зависи од нејзината меѓународна позиција, а не од внатрешната затвореност. Борбата за македонското име, по логика на историјата, и кај Глигоров и кај Трајковски се водеше во меѓународните центри на моќ, а не со судир со Грција и Бугарија на пример.

Господине Фрчкоски, Вие рековте дека доколку Македонија продолжи да биде изолирана од НАТО и од ЕУ, тогаш Албанците во Западна Македонија ќе побараат свој кантон. Меѓутоа ако победите на изборите и станете претседател на сите Македонци, тогаш каква е Вашата идеја за соживотот, односно за една заедничка држава Македонија?

Фундаментите на Македонија се дефинирани и тие се стабилни. Она што може да ги загрози е сиромаштија и изолација на Македонија. Има правило во македонската политика кое го учиме, а тоа е: Македонија мора да биде во подобра позиција од некои од соседите и чекор понапред од нив. На пример од Косово и Албанија. Македонија не е Србија за да може да чека десет години под Милошевиќ и да го загуби Косово. Македонија ќе пукне во средина бидејќи сега има напредни соседи. Албанците во Македонија требаше да бидат први Албанци, кои ќе влезат во НАТО и ЕУ, сега тие се последни Албанци во регионот што ќе влезат во НАТО и ЕУ. При тоа не се знае дали под оваа влада воопшто ќе се случи тоа. Тоа ќе ја отвори дилемата кај нив. Првпат после независноста јас сум вистински загрижен во мир да не се случи дефакто федерализација во Македонија, и тоа многу бргу ако земјата остане во изолација. Потоа нема враќање назад. Понатаму тоа само ќе се дооперационализира. Второ македонското национално ткиво во изолација се распаѓа. Секоја трет автомобил во Источна Македонија има бугарски таблици, се’ поголем број Македонци земаат туѓи пасоши за да можат да водат бизнис. Една половина од народот чинам има туѓи пасоши - тоа е стравотна опасност за земјата, за македонскиот дел од приказната во изолација. Значи има два дела на изолација и двата се опасни за интегритетот на македонската држава. Јас не знам како можат да не ја видат таа опасност, или некои велат намерно одат кон тоа. Мислам дека треба ги спречиме со тоа што на 22 март водството ќе се додели во рацете на луѓе кои знаат тоа да го прават во вистинска насока.

Вие јасно ги гледате опасностите во државата, меѓутоа веќе не сте министер за надворешни работи. Вашата политичка улога, ако станете претседател е многу помала отколку функцијата премиер или министер за надворешни работи. Сепак, претседателот има важна улога во државата, како татко на нацијата. Тој треба да седне на иста маса со опозицијата и со власта, со пратениците, со лидерите на политичките партии и заедно со нив да бара решенија за проблемите. Како Вие, господине Фрчковски, како можен иден претседател на Македонија, ќе го направите тоа?

Демократијата претставува конфликт на интереси и таа не подразбира хармонија. Демократијата живее со конфликт и прво треба да прифатиме дека конфликтот е креативна сила на демократијата. Истовремено, во Уставот има процедури како се разрешува конфликтот на интереси, за да не настане блокирање на системот. Луѓето треба да си ги исполнуваат уставните надлежности, бидејќи тоа е, пред се`, нивна обврска. Дури потоа треба да ги решаваат евентуалните конфликти на интереси, што се корисни за демократијата. Во овој случај претседателот, доколку јас ја вршам таа функција, треба јавно да ги образложува своите опции и да стекнува таква мрежа на меѓународни пријателства, која ќе може на овие опции да им даде основа и реална можност за остварување. Мислам дека во таква позиција, со динамично влечење напред, нема позиција во државата што може да се спротивстави, дури и ако не и одговара тоа што предлогот доаѓа од претседателот, кој е од опозицијата. Тешко е пред јавноста да одбиете добар предлог за Македонија, добра алијанса за Македонија, добар меѓународен дипломатски контакт за Македонија и да речете дека го одбивате предлогото, само затоа што дошол од претседателот, кој е од опозиционата партија.