1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Повторно грчко вето?

Портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Григорис Делавекурас стави јасно до знаење дека ставот на Грција останува цврст – прво да се најде взаемно прифатливо решение за името, па датум за преговори.

По се‘ изгледа дека Грција повторно ќе ја блокира Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Иако некои грчки медиуми викендов објавија дека Атина ќе каже „да“ за датум, но под одредени услови, портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Григорис Делавекурас стави јасно до знаење дека ставот на Грција останува цврст – а тоа е прво да се најде взаемно прифатливо решение за името.

Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, утре во Брисел ќе учествува на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) на кој тема ќе бидат заклучоци за политиката за проширување. Советот утре ќе одлучи дали и кога Македонија ќе ги почне пристапните преговори за членство во Унијата, откако амбасадорите на членките на ЕУ на состанокот минатата недела не успеаја да ги договорат заклучоците за Македонија во врска со предлогот на ЕК да се одреди датум за почеток на преговорите.

Република Македонија доби кандидатски статус во 2005 година. Во 2009 година Европската комисија оцени дека земјата доволно ги исполнила политичките критериуми и препорача отворање на преговори за членство. Оваа препорака беше повторена од страна на ЕК и во 2010 и 2011 година, како и годинава. Последниот извештај, по две години избегнување, годинава ја содржеше и придавката „македонски“ за народот и јазикот.

Портпаролот на грчкото МНР и на оваа тема на последниот брифинг рече дека „не треба да постои употреба на овие термини“ затоа што, според него, употребата на придавката „македонски“ е директно поврзана со прашањето за името со Македонија и разговорите кои се во тек.

Иако, познавачите на приликите велат дека Грција не е во позиција да се судри со европските партнери поради кризата во која се наоѓа и помошта што ја очекува од нив, изгледа дека на Атина и‘ е неопходно барем на едно поле да се чувствува силно и да диктира некои процеси. Дипломатски извори велат дека Европа го губи трпението за однесувањето на Атина во однос на прашањето за името на Македонија, тука е и пресудата од Меѓународниот суд за правда во Хаг дека Грција на Самитот на НАТО во Букурешт ја прекршила Времената спогодба, ставајќи вето на одлуката за прием на Македонија, но грчките власти не ги засега ништо.