1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поволните услови за инвестирање може да бидат предност за Македонија

Ото Шили беше министер за внатрешни работи на Германија во црвено-зелената влада на канцеларот Герхард Шредер. Сега е адвокат, а има и своја консултантска фирма. Со Шили разговараше Зоран Јордановски.

default

Ото Шили поранешен министер за внатрешни работи на Германија

Дојче веле: Господине Шили, бевте присутен на презентацијата на можностите што им ги нуди македонското стопанство на странските инвеститори. Порано бевте сојузен министер за внатрешни работи. Откаде интересирањето кај Вас за оваа манифестација? Или, можеби сте сега активен и во стопанската сфера?

Ото Шили: Седум години, до 2005 бев во владата на канцеларот Герхард Шредер, потоа повторно ја отворив мојата адвокатска канцеларија, а основав и мала консултантска фирма со седиште во Берлин, која се труди да му даде подршка на германското стопанство. Ние бараме соодветни подрачја и често пати сум на пат, покрај другото и во Источна и Југоисточна Европа, се’ до Турција и Азија. Македонија ја познавам од моето време како министер, бев таму во еден малку критичен момент за неа, во време на косовската криза. Таа е многу симпатична и интересна земја. Тогаш многу ми импонира со обезбедувањето со прехранбени средства, многу ми се допадна извонредната продукција на аграрни производи. Мислам дека земјата нуди интересни можности и за германско-македонските стопански односи. Премиерот со неговите соработници овде понуди извонредна презентација. Некои бројки навистина импонираат, како на пример, стабилната валута порано врзана за тогашната германска валута, а сега за еврото, ниската стапка на инфлација. Тие очигледно многу успешно го апсолвираа намалувањето на бирократските пречки, рамковните услови за инвеститорите се многу поволни, има слободни трговски зони, има редица области со можности за стопанисување. Тоа е целта зошто дојдов да послушам и се надевам дека од тоа можат да се развијат конкретни проекти.

Го споменавте аграрот. Но, што мислите, кои други области би можеле да им се видат интересни на германски инвеститори?

Аграрот го спомнав оти ми остана во симпатично сеќавање, инаку тоа воопшто не е моја главна област на дејствување. Но, денеска го слушнав изразот фут просесинг, преработка на храна, каде можеби исто така може нешто да се направи, оти понекогаш не е битно да се има добро земјоделско производство, туку тоа треба и да се преработи и тоа во форма што би отворила можности за извоз. Инаку, моето тежиште побргу е во областа на енергетиката, а таму има исто така интересни можности во Македонија, евентуално и во други области. Денес слушнав за резерви од никел. Никелот е интересна руда. Прашање е во колкав обем го има, се исплати ли воопшто ангажманот, инвестирањето. Тоа мора многу внимателно да се простудира. Македонија е во конкурентски натпревар со многу други потенцијални цели за инвестирање. Овде речиси секоја недела ни се нудат презентации. Мора да се биде свесен дека конкурентскиот натпревар е остар и мора да се понудат најдобри услови. Но, ова подрачје е интересно како цел и се исплати да се фрли поглед.

Што кажува Вашето искуство - каде, всушност, потенцијалните инвестори гледаат пречки за нивниот ангажман?

Мора да се има пред очи следново, за сосем трезвено да се анализира: кога германски претпријатија инвестираат во странство, тие се обврзани на само да погледаат дали таму може да се заработат пари, дали е добро местото за инвестирање, дали е добра работната сила, дали се добри даночните предуслови, туку тие гледаат и каков е пазарот. Германските производители на автомобили го префрлија производството во САД – ги проверија условите таму и дојдоа до позитивен резултат, но главниот мотив всушност беше близината до пазарот. САД се за нас, за автомобилската индустрија, голем пазар, и поради тоа таа отиде таму, во близина на пазарот. Тоа важи и за други земји. Но Македонија, без сега да се биде нељубезен, Македонија е мал пазар. Ако Македонија сака тука да оди напред, мора да се претстави не таа самата како пазар, туку целиот регион. Тоа може да биде интересно во врска со производството на електрична енергија. Во целиот регион има енормна потреба од струја, и за некој инвеститор може да биде интересно да произведува струја не само за Македонија, туку и за соседните земји.

Овде беше спомената текстилната индустрија. И тоа може да биде интересно за нас. Уделот на пазарот на германската текстилна индустрија многу опадна, таа не може да им конкурира на земјите од Азија и други земји кај производните трошоци, оти ние никогаш не можеме да издејствуваме толку ниски плати. Но, можеме да се пробиеме со квалитет и со потеклото на стоката. Како што беше кажано овде, кај муштериите дури и во Кина и Русија има тенденција, порадо да купат нешто врз што не стои „Мејд ин Чајна“, туку „Мејд ин Јуроп“. Тоа може да е шанса, треба да се види, не можам да донесам конечен заклучок дали се исплати инвестирање. Секој инвеститор гледа што ќе дојде од инвестицијата назад во неговата каса.

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска