1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчкото „не“ ја засегнува и Шпанија

З.Јордановски/дпа/афпд/ртр7 јули 2015

Во Шпанија едни го слават, други стравуваат од грчкото референдумско „не“. И во Португалија левицата бара крај на програмата за штедење.

https://p.dw.com/p/1FttV
Фотографија: picture-alliance/dpa/Manu Fernandez

Јасното „не“ од страна на Грците за мерките за штедење што ги предложија доверителите кренаа големи бранови во Шпанија, која претходно исто така се бореше со финансиска криза. Конзервативниот премиер Мариано Рахој уште вчера во Мадрид ја свика на вонредна седница Комисијата за економски прашања. По седницата министерот за стопанство Луис де Гиндос нагласи дека ситуацијата во Шпанија „воопшто не може да се спореди“ со онаа во Грција. Шпанското стопанство, четврто според големината во рамките на еврозоната, остварува пораст со стапка од 4 проценти годишно, истакна министерот.

Пабло Иглесијас, шеф на партијата “Подемос“ („Можеме“) го славеше исходот на референдумот во Грција како победа на демократијата. На парламентарните избори кон крајот на годинава тој настојува да ја симне од власт Народната партија (ПП) на премиерот Рахој. Игласијас, 36-годишен доцент по политички науки, кој на својата профил-фотографија на Твитер се презентира рамо до рамо со грчкиот премиер Ципрас, ги означи доверителите како тирани, кои „се обидуваат со закани да им влеат страв“ на граѓаните во Грција и во Шпанија. На регионалните избори во мај „Подемос“ успеа да постигне неочекувани успеси, покрај другото, и во метрополите Мадрид и Барселона.

Portugal gegen griechischen Schuldenschnitt
Фотографија: DW/J. Faget

Грчкиот редферендум сега ќе и’ даде натамошен замав на „Подемос“, сметаат медиумите во Шпанија. „Од неделата вечерта изгледа многу застарено“ секое тврдење дека се’ на што му се противи конзервативната ПП, е „радикално и популистички“, прокоментира вчера либералниот весник „Ла Вангардиа“. Но, весникот стравува дека заострувањето на кризата во Грција може да има негативни консеквенции и за Шпанија, оти би можела да расте недовербата во однос на послабите земји од еврозоната.

По колапсот на секторот на недвижности, Шпанија во 2012 година мораше за своите банки да побара кредити од ЕУ и ММФ во износ од 41 милијарда евра.

Подршка од португалските социјалисти за Грција

Антонио Коста, лидер на опозицијата во поранешната кризна земја Португалија, предупреди дека по референдумското „не“ Грција не треба да се турка надвор од еврозоната. „Мора да се респектира сувереното решение на грчкиот народ“, рече шефот на Социјалистичката партија. Според него, „апсолутно неприфатливо“ е одбивањето на предлозите за штедење од страна на Грците да се интерпретира како нивна желба веќе да не припаѓаат кон еврозоната. Коста, како и другите левичарски партии во Португалија, ги повика конзервативниот премиер Педро Пасос Коелјо и ЕУ да бараат нови патишта за решение на финансиската криза.

Коста е врвен кандидат на социјалистите за парламентарните избори на есен и ако ја освои власта има намера да и’ стави крај на строгата политика на штедење спроведувана во последниве години.

Португалија три години - до мај 2014 - користеше средства од „чадорот за спас“ на ЕУ. Во 2011 година земјата беше спасена од банкрот со пакет за помош од ЕУ и ММФ во обем од 78 милијарди евра.