1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Повици за голем одзив на локалните избори на Косово

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун повика на „најшироко можно учество“ на локалните избори, кои ќе се одржат утре (03.11.) на Косово. Голема излезност посакува и Белград, а за Приштина „минимално прифатлива“.

„Тој цврсто верува дека слободните и фер избори оваа недела ќе бидат камен-темелник во јакнењето на мирот и безбедноста на Косово. Генералниот секретар силно охрабрува најшироко можно учество“ на изборите, соопшти портпаролот на Бан.

Генералниот секретар го поздравува постигнатиот напредок во организирањето на утрешните локални избори на Косово и одлучноста на сите страни за обезбедување на инклузивни избори, без насилство и заплашувања. Портпаролот на Бан соопшти дека генералниот секретар на ОН ги повикал сите страни да се држат до највисоките демократски стандарди и да покажат целосна почит за разновидните гледишта на населението.

Во круговите на ЕУ и НАТО главно се поклопуваат оценките дека утрешните избори на Косово треба јасно да го одредат односот на силите внатре во Косово и нивната позиција во однос на приближувањето кон евроатлантските интеграции. Европски дипломатски извори во Брисел забележуваат во изјава за агенцијата Бета дека Србија со изборот на новите меѓународно, но и од Приштина, признаени власти во српските ипштини и со создавањето на Заедница на српски општини, би исполнила значаен услов за средување на односите со Приштина и почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тоа зависи и од „уверливата бројност на српските гласачи“.

Ban Ki-moon New York 27.09.2013 Overlay

Бан Ки Мун

Истите извори од Брисел забележуваат дека властите во Приштина не се ставени во повластена положба во однос на Белград, иако Европската комисија, без да го почека исходот од изборите, пред неколку дена започна преговори со Приштина за Договорот за стабилизација и асоцијација.

Во Брисел со сериозно внимание се примени предупредувањата од властите во Белград дека „резултатите од изборите нема да бидат бланко признаени“, ако се утврдат изборни нерегуларности, посебно со внесување голем број на непостоечки албански гласачи и со спречување на бегалците и раселените Срби да се впишат во избирачките списоци.

Анонимните дипломатски извори во Брисел, кои ги цитира српската агенција Бета, информираат дека властите во Приштина би сакале излезност на косовските Срби на општинските избори да биде „минимално прифатлива“. Доколку десетиците илјади раселени косовски Срби, кои живеат надвор од Косово, излезат масовно на утрешните избори, тогаш Србите на Косово би можеле да станат незаобиколен чинител и на парламентарните избори на Косово и политичка сила која би морала да се зема предвид.

Инциденти пред изборите

Кандидатот за градоначалник на Косовска Митровица Крстимир Пантиќ изјави денeска дека непознати сторители се обиделе да го ликвидираат во текот на минатата ноќ и оцени дека иницијатори на тој напад се партиите кои веќе два месеци повикуваат на бојкот на локалните избори.

Автобус, пак, со шестмина раселени приштински Срби, кој ги пренесувал патниците од Ниш, бил вратен од косовската полиција на административниот премин Мердаре, со образложение дека патниците не можат да влезат на Косово, бидејќи косовската полиција сметала дека тие сакале да учествуваат на утрешното гласање. Патниците тврдат дека оделе на приштинските гробишта по повод верскиот празник Задушница. Раселените Срби телефонски разговарале со властите во Белград, тие со претставници на меѓународната заедница, по што била дадена дозвола за влез на Косово. Патниците до и од гробиштата до преминот Мердаре биле однесени во придружба на полицијата.

Бројот на лица со право на глас зголемен за над 11 проценти

На утрешните локални избори во Косово ќе учествуваат 103 изборни листи со вкупно 7.932 кандидати за советници. Право на глас имаат 1.779.357 граѓани кои ќе избирааат советници и градоначалници во 39 општини.

Во споредба со претходните локални избори, бројот на лица со право на глас е зголемен за 11,72 проценти. Од вкупно потврдените 103 изборни листи, 38 се албански, 33 српски, а останатите се листи на независни кандидати, како и на Бошњаци, Турци, Роми, Црногорци, Хрвати, Горанци и Ашкали.

Изборите ќе бидат следени од локални и меѓународни набљудувачи. За безбедоста на денот на изборите е задолжена косовската полиција, а ќе бидат ангажирани и меѓународните мисии ЕУЛЕКС и КФОР.

Првите прелиминарни резултати од изборите се очекуваат на 4 ноември, а официјални најдоцна до 6 ноември. Во вториот изборен круг на 1 декември, во општините каде ниту еден кандидат не ја освоил довербата на повеќе од 50 проценти на гласачите, ќе се гласа само за двајцата првопласирани, кои во првиот круг добиле најмногу гласови и со тоа се здобиле со право да ја продолжат трката за градоначалник. Изборните места се отвораат во седум часот изутрина, а се затвораат 12 часа подоцна.