1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Повеќе хумор во германските бироа!?

Во Германија веќе шест години постои Институт за хумор, во кој фирмите ги испраќаат раководните кадри за да научат да се справуваат со стресните ситуации на работа поопуштено и дури со хумор.

default

Германците се сметаат за работливи и одговорни, но што се однесува до умешноста да се забавуваат и да се шегуваат не ги бие добар глас. Такво е клишето, кое тврдокорно се одржува. Меѓу другото и затоа што во секое клише има и вистина. Но, Германците не би биле трудољубив и амбициозен народ, ако не се обидат да сменат нешто и на тој план. Тие имено изумија школување за хумор и тоа како способност што треба да го разлабави и разубави животот - не приватниот, туку деловниот. Секако и да ја зголеми ефикасноста на работното место! Фирмите ја сфатија понудата на една установа од Лајпциг многу сериозно и веќе ги испраќаат раководните кадри на „курс по смеење“.

Вицкасти инструктори

„Можете да одберете дали ќе земете некоја ваша наклоност или пак некоја маана. На пример, толку сум забрзана што ми се јави Буда на телефон и ми рече малку да успорам... За почеток обидете се да продуцирате креативно ѓубре!“

Mann mit Brille

Инструкторките Ева Улман и Катрин Хансмајер веднаш предничат во извршувањето на поставената задача. А учесниците на семинарот, охрабрени и инспирирани од тоа и самите почнуваат да измислуваат шеги.

„Како инструктори секогаш се поставуваме во улога на ’дворски будали’. Значи не како учители, туку како лица кои радо ги забавуваат другите, кои инспирираат, предизвикуваат љубопитство и исто така ги отсликуваат учесниците на семинарот...“, раскажува Ева Улман, основач на Институтот за хумор.

Учесници од разни струки

Во актуелната група има 17 учесници, кои во просторијата за семинари во еден хотел во Лајпциг радо ја прифаќаат играта. Меѓу лекарите, педагозите и раководителите на одделенија при Телекомот или Поштата е и Ралф Милер.

„Јас сум пројект-менаџер на едно големо германско претпријатие за индивидуални поштенски марки“, се претставува 47-годишниот менаџер на Германската пошта во склад со атмосферата на семинарот.

Му поаѓа ли од рака да се шегува и на работното место?

Frau im Büro

„Таму постои потреба од натамошно оптимирање. Ова не важи според мене само за фирмите со поштенски марки, туку за сите претпријатија во земјата. Таму каде што се’ се одвива многу структурирано и дисциплинирано, постои можност за оптимирање на производниот процес кога му се приоѓа со хумор, наместо суво и бирократски...“

Како со проблематичните ситуации?

Ева Улман се занимава со оваа работа уште од 2005 година, кога го основа Институтот за хумор во Лајпциг. За мотивацијата таа објаснува: „Институтот за хумор не мора да постои по секоја цена. Го основав не затоа што е нужно неопходен, затоа што има премалку хумор во Германија, туку затоа што сум фасцинирана од хуморот што во себе носи и одредена сериозност. Она што посебно ме интересира е колку хумор може да има во сериозни ситуации. Зашто, исто како и кај лековите - дозата е одлучувачка. Истата супстанција може го исцелува пациентот, но и да го убие - зависно од дозирањето!“

Учесничката на семинарот Розвита Рам-Девриент, која и самата работи како терапевт, ја објаснува нејзината мотивација за учеството.

Otto Waalkes hält eine Laudatio beim Deutschen Comedy Preis im Coloneum in Köln

„Јас сум човек кој радо се шегува. Мојот прв брак ме одведе во Англија, каде многу ми се допаѓаше англискиот хумор со игра на зборови. Сметам дека е штета што тоа во Германија толку ретко се користи. На Германците не им недостасува хумор, но овде е многу необичаено хуморот да се вгради во работното секојдневие - за разлика од Англија, каде тоа е сосема нормално. Многу се радувам што таа позитивна традиција полека пристигнува во Германија, меѓу другото и преку ангажманот на Институтот од Лајпциг.“

Хуморот во Германија не е изумрен!

„Германскиот хумор не е толку запоставен, колку што едноставно отсуствува од работното место. Во слободното време, на карневалите или на кабаретистичката сцена, луѓето радо се смеат и се вклучуваат во дружењето по таа основа. Но, затоа долги години хуморот беше протеран од работното место. Поради тоа мислам дека ова е добар, растечки пазар, бидејќи голем број луѓе сакаат да им биде забавно, а не здодевно на работното место - секако без при тоа да се намали квалитетот на нивниот професионален ангажман и на производот на кој што работат“, појаснува основачот Ева Улман.

Bildgalerie Reizworte der Wahl Bürokratieabbau

Позитивни искуства

Институтот нуди повеќе видови семинари. Еден од нив е наречен „Хуморот како ресурс во работното секојдневие“, трае два дена и чини 400 евра за секој учесник. Дека Ева Улман и Катрин Хансмајер добро си ја избрале професијата, покажува и расположението на учесниците на семинарот.

„Мене семинарот ми беше многу вреден, добив многу интересни идеи и сметам дека е многу убаво да се работи во група со голем креативен потенцијал. Ваквата отворена атмосфера навистина создава простор за нови, креативни идеи како да се справи човек со стресното секојдневие на работа, кое е полно со напнатости, па дури и со конфликти. Таквите ситуации може многу подобро да се надминат со помош на хумор“, појаснува 60-годишниот Хорст Гелдер, кој во матичниот концерн во Бон секојдневно ја носи одговорноста за работниот процес на 112 соработници.

Автор: Рони Арнолд / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски