1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Повеќе скепса, отколку надежи за медали од Пекинг

108-то првенство на Германија во атлетика не донесе посебно добри резултати, туку напротив, скепса во однос на она што германските претставници во тој спорт ќе можат да го постигнат на претстојната олимпијада во Пекинг.

default

Не е време за опуштање: Бети Хајдлер разочара во Нирнберг, а од неа се очекува олимписки медал во фрлање кладиво

Ако првенството во Нирнберг, што се одржа во изминатите два дена пред 32 ипол илјади гледачи, беше генерална проба за олимпијадата, тогаш само тројца атлетичари ги оправдаа надежите за освојување олимписки трофеи. Ариане Фридрих по осми пат годинава прескокна 2 метра. Светскиот вицешампион Роберт Хартинг фрли диск на далечина од 66 метри и 26 сантиметри. Воодушеви натпреварувањето во скок со стап. Тим Лобингер ја освои 9-тата титула првак, иако иста височина - 5 метри и 75 сантиметри - совладаа и Дани Екер и 18-годишниот Рафаел Холцдепе. Сите тројца ќе учествуваат на олимпијадата.

Разочараа Бети Хајдлер во фрлање кладиво, Кристина Обергфел и Штефи Нериус во фрлање копје. Обергфел постигна резултат за осум метри и два сантиметра послаб од нејзиниот европски рекорд.


Првенството во функција на подготовки за олимпијадата


Главниот тренер на Германскиот атлетски сојуз Јирген Мало наоѓа оправдување за слабите резултати: „Кој се надеваше дека овде ќе има огномет од исполнети олимписки норми, заборавил дека речиси сите кандидати веќе ги имаа исполнето нормите, па овде не се бореа само за титулите, а во прв ред се подготвуваат за олимпијадата“.

Во Пекинг беше предвидено да одат преку 60 германски претставници во атлетика, сега се чини дека ќе бидат помалку од 60. Учесниците дефинитивно ќе бидат утврдени на 14-ти јули. На неколкумина ќе им биде дадена можност и потоа, на митингот во Брисел на 20-ти јули, да се обидат сепак да се најдат на списокот на олимпијци.


7-те медали од светското првенство - репер и за олимпијадата


На германските атлетичари им се заканува повторно да останат без златен олимписки трофеј: во Пекинг, според моменталната состојба, не се исклучува катастрофа како во Атина 2004-та, кога германските претставници освоија само два сребрени медала. На минатогодишното светско првенство билансот беше 7 медали, од кои 2 златни.

Според тој резултат се ориентираат и очекувањата на главниот тренер Јирген Мало: „Ние рековме дека сакаме да постигнеме резултат сличен како на светското првенство. Ако бидат два како во Атина, ќе биде секако разочарувачки. Нешто помалку отколку на светското првенство уште би било добро, нешто повеќе би било сензационално“.

►◄