1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Повеќе пари за азилантите во Германија

За првпат по речиси 20 години барателите на азил во Германија ќе добијат повеќе пари, како што се заложи германскиот Уставен суд. Но новиот закон предвидува и ограничувања за да се избегне злоупотреба.

Барателите на азил во Германија треба да добијат значително повеќе пари. Ова стои во нацрт предлогот на германската влада за новиот закон за услуги за баретели на азил, до кој стигна весникот „Зидојче цајтунг“. Ова би било прво покачување на средствата по речиси 20 години. Беглаците во иднина треба да добијат речиси толку парична помош, колку што изнесува социјалната помош т.н. Харц 4.

Според тоа еден возрасен барател на азил би добил 336 евра (социјалната помош Харц 4 изнесува 374 евра). Помошта би требало да биде одобрена по можност во стоковна против вредност, како на пример во форма на пакети со храна. Освен ова по две години барател на азил во Германија би требало да стекне право за социјална помош.

Насоки од Уставниот суд

Новото регулирање беше неопходно, откако германскиот Уставен суд на 18. јули годинава оцени дека досегашната поддршка е противуставна. Висината на поддршката би требало да биде прилагодена на цените, пресудија судиите. Сојузните покраини веќе ги покачија стапките, но досега недостасува регулатива на сојузно ниво.

Нацрт законот предвидува и едно ограничување. Оној кој ќе поднесе барање за азил и доаѓа од земја, каде нема политичко прогонување, би требало да добие пониска поддршка. На овој начин се преземаат мерки против лажните баратели на азил, кои во Германија доаѓаат пред се’ поради економски мотиви, се вели во образложението на законот. Причината за ова е што министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих сака да го ограничи бројот на баратели на азил од Македонија и Србија, кој значајно се зголеми во изминатите месеци.

Дебата околу балканските бегалци

Вчера (29.11) шефицата на пратеничката група на Зелените Ренате Кинаст во Бундестагот ја критикуваше политиката за азил на владата како нехумана. „Така не треба да се однесуваме кон бегалците“, изјави таа. Синтите и Ромите не биле економски беглаци туку во нивните татковини делумно биле изложени на „испади во вид на погром“.