1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Повеќемина осомничени за кражба во Музејот на Македонија

Македонската полиција денеска (27.02) приведе и изврши претреси кај осум лица под сомнение за кражба на предмети со непроценливо значење во Музејот на Македонија. Осомничен е и Паско Кузман.

default

Археолошкото наоѓалиште Хераклеа (архива)

Против овие лица, МВР ќе поднесе соодветни пријави за сомнение за сторени кривични дела: злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата, присвојување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости, како и поттикнување.

Во досега направените претреси пронајдени се поголем број предмети кои можно е да потекнуваат од претходно пријавената кражба во Музејот, но и предмети кои воопшто не се евидентирани.

„Пронајдени се 4 керамички икони, 3 керамички ламби, една керамичка монета, една глава на женска фигура на постоље, повеќе сребрени и бронзени фигури, повеќе монети и керамички археолошки предмети, една бронзена монета, дрвена маска и стрела, 8 археолошки предмети, метален прстен со изгравиран човечки лик, метален привезок и голем број други предмети“, изјави портпаролот на МВР Иво Котевски.

Котевски посочи дека се работи за службени лица (програмски директор, виш кустос, ракувач на депото, поранешниот и актуелниот директор на Музејот) од Скопје и од Охрид, како и златар кој е осомничен за „поттикнување“.

Screenshot - Pasko Kuzman

Паско Кузман (архива)

Паско Кузман, поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство, е осомничен дека во неколку наврати подигнал предмети од Националниот музеј-Охрид при што е изготвен реверс за повеќе копии на кои е потпишан в.д. директорот на музеј на Македонија, додека на една копија на која рачно се потпишани и двајцата, е евидентирана забелешка дека не се враќаат 14 подигнати предмети, туку само 5 археолошки предмети со реверс.

Меѓу другите утврдено е дека членовите на Комисијата за откуп на музејски материјал во неколку наврати вршеле незаконски откуп на монети, со што го оштетиле буџетот за 40 илјади евра.

Ivo Kotevski Sprecher Innenministerium Mazedonien

Иво Котевски (архива)

Златарот се товари дека изработувал реплики, а дали ги враќал и репликите и оригиналите, подвлече Котевски, во моментот не може да се потврди. Вмешан бил и во незаконскиот откуп на монети.

Не е исклучено истрагата да се прошири и со други лица затоа што МВР е во тесна соработка и координација со Јавното обвинителство и постапува по нивните наредби.

Основното јавно обвинителство Скопје, во меѓувреме побара спроведување на истражна постапка и притвор за осум лица поради основано сомневање дека од ноември 2011 година до октомври 2013 година сториле повеќе кривични дела поврзани со исчезнувањето на 162 артефакти од Музејот на Македонија.

Како што е наведено во денешното соопштение објавено на веб страницата на Јавното обвинителство, лицата се осомничени за присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, за злоупотреба на службената положба и овластување и за несовесно работење. Основното јавно обвинителство Скопје како мерка за обезбедување присуство на обвинети за успешно водење на кривичната постапка, до надлежниот судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје, ќе поднесе образложен предлог за определување мерка притвор.