1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Побогати, не значи и посреќни

Здравствена грижа, заштита од сиромаштија, еднаквост на шансите-тоа и многу повеќе им е потребно на децата за да бидат среќни. Каква е ситуацијата во западните индустриски земји во овој поглед зборува студијата на ОЕЦД.

default

Германија, во споредба со останатите земји од светот, дава многу пари за децата и младите, иако без видлив успех. На овој заеднички именител се сведуваат резултатите на студијата за децата, која Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ја претстави во Берлин, на први септември. Германија добро стои во сферата на здравството, средно кон лошо во областите на образованието и социјалата. Во Организацијата за економска соработка и развој членуваат 30 земји, покрај 23 од Европа, тука се и Австралија, Јапонија, Канада, Јужна Кореја, Мексико, Нов Зеланд и САД.

Да зависеше среќата на децата само од парите, тогаш не би имало никакви грижи околу младите во Германија. Трошоците за децата во Германија се за 20 проценти повисоки во споредба со повеќето индустриски земји. Околу 40 проценти од средствата се трошат за цели како детски додаток, кој непосредно им се исплаќа на родителите. И иако во Данска и Шведска одвојуваат само околу половината од она што го одвојува Германија, тие земји стојат подобро во поглед на ризикот од сиромаштија кај децата и еднаквоста на шансите во образованието.

Поголеми инвестиции во градинки и училишта

Arme Kinder oft auch kranke Kinder p178

Сиромаштијата може да донесе и болест

Ова во прв ред се однесува на различните државни понуди, пред се` на детските градинки и целодневните училишта, кои во многу земји се суштински подобри. Затоа, раководителката на првата студија на ОЕЦД за децата, Моника Квајзер, бара поголеми инвестиции во оваа област. Притоа признава дека ситуацијата во Германија најверојатно е подобрена, бидејќи сојузната влада, во изминативе години, преку мерки како плата за родители и градење на нови градинки за децата, постави нови акценти. Прикажаните бројки во студијата се стари четири години.

Моника Квајзер упатува дека тоа се добри податоци, гледано од германски агол, ако станува збор за материјалната опременост и здравјето на учениците: „На пример, тие имаат бироа, учебници, компјутери, дигитрони и речници, повеќе отколку што имаат учениците во другите земји. Германските бебиња се дојат подолго, стапката на вакцинација против црна кашлица и мали сипаници е мошне висока. Има помалку бременост меѓу тинејџерите. Германските млади пијат помалку алкохол, во споредба со просекот на земјите од ОЕЦД. Но, затоа младите во Германија пушат повеќе и тоа особено девојките.“

Најсреќни деца во Данска

Ако се зборува за еднаквите услови за живот и животни шанси, Германија стои мошне лошо. Еден од наодите кој со години е присутен во студиите на Организацијата за економска соработка и развој тврди дека: „Ризикот од сиромаштија во Германија е се‘ уште висок, особено во семејствата на самохрани родители. И токму за оваа група би морало да се направи повеќе.“

Kinder in Deutschland

Ризикот од сиромаштија висок во семејствата на самохрани родители

Конкретно: секое шесто дете во Германија живее во семејство, кое на располагање има помалку од половина од просечниот национален приход. Според оваа дефиниција децата се во најдобра положба во Данска, каде што само секое 37 дете се смета за сиромашно.

Моника Квајзер не гледа поврзаност меѓу големината на земјата и општествените успеси: „Погледајте една земја, како на пример Франција. Таму има повеќе можности за детска грижа, учеството на жените како работна сила е повисоко, жените раѓаат повеќе деца, отколку во Германија. Од тоа може да се види дека и една поголема земја може да направи повеќе за своите деца.“

Идеална земја за децата не постои никаде во светот. Секоја од земјите опфатени во студијата има силни и слаби страни, гласи заклучокот на Студијата за деца на Организацијата за економска соработка и развој.

Автор: Марсел Фирстенау / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска