1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победник од сенка во Њу Хемпшир

Инес Пол/превод:ЗЈ10 февруари 2016

Покрај Трамп, Сендерс, Клинтон ви звучи непознато името на Џон Кејзич? Тоа може наскоро да се промени. Овој Републиканец постигна неочекувано добар резултат на предизборите во Њу Хемпшир. Коментира Инес Пол.

https://p.dw.com/p/1HsUf
Фотографија: Reuters/M. Schwalm

На предизборите во сојузната држава Њу Хемпшир за номинација на претседателски кандидати во САД се исполнија многу прогнози: кај Републиканците победи мултимилионерот Доналд Трамп, а кај Демократите сенаторот Берни Сендерс. Марко Рубио, за кого кратко време беа врзувани надежите на Републиканците, не можеше да се опорави од катастрофалниот настап за време на последната републиканска дебата на изминатиот викенд - што испитувачите на јавното мислење исто така го предвидоа.

Инвестицијата на Џеб Буш

За Џеб Буш, кој би сакал да биде претседател на САД како татко му и брат му, сепак се исплатеа милионите долари што ги инвестира во предизборите во оваа мала, но стратегиски толку важна американска сојузна држава. Тој освои 11 проценти од гласовите - со тоа останува во лудо скапата предизборна трка за номинација кај Републиканците и во наредните недели ќе најде поддржувачи кои тоа ќе го финансираат. Хилари Клинтон навистина мораше да признае дека е поразена, но со силниот говор веднаш по предизборите во Њу Хемпшир уште еднаш покажа дека вакви порази не влијаат врз нејзината победничка волја. Таа е подготвена на борба. Според искуството, Клинтонови можат да сметаат на решавачката поддршка од афроамериканците и латиноамериканците во САД, која допрва ќе уследи. Од секој гест и секој збор на Хилари зрачеше самоувереност и убеденост дека тоа ќе е последна победа на Берни Сендерс.

Значи, ништо ново во Њу Хемпшир: само уште една потврда дека во оваа рана фаза на предизборите првенствено поентираат оние, кои грмат против естаблишментот, кандидатите кои сето зло го гледаат во Вашингтон и на сиот глас ги прокламираат нивните големи планови и ветувања - но не нудат никакви реални програми за нивно спроведување?

Pohl Ines Kommentarbild App

Интелектуален и со прецизна аргументација

Би било така, да го немаше во трката за номинација и Џон Кејзич, притаениот победник на синoќешната изборна вечер. Навистина, добро упатените уште одамна го третираат гувернерот од Охајо како таен фаворит. Но, овој интелектуален Републиканец кој прецизно аргументира досега одвај да наиде на некакво ехо во дречливата кампања. По синоќешната вечер во Њу Хемпшир тоа драстично ќе се промени. Сега камерите се насочени кон него.

Доколку Кејзич го одбрани вчерашното второ место и на наредните предизбори во Јужна Каролина, ќе го има токму оној моментум за кој толку често станува збор кај овие избори. А тоа значи преку позитивни вести да го сврти врз себе вниманието, покрај другото и на донаторите кои ќе го финансираат останувањето во трката за номинација во овој предизборен спектакл.

Нападите од Круз и Трамп

Тоа го знаат конкурентите на Кејзич. Затоа побргу е прашање на часови отколку на денови кога ќе започнат нападите против него. Тед Круз и Доналд Трамп во изминатите недели доволно често покажаа дека таквите напади нема да знаат за граници.
Ќе може ли Марко Рубио уште еднаш да се врати во игра? Или на естаблишментот не му останува ништо друго освен да го поддржи Кејзич - иако тој се изјасни за либерално законодавство во однос на доселувањето и за здравствено осигурување за сите - за да го спречи Трамп?
Многу нешта од она за што падна одлука во Њу Хемпшир беа очекувано - но не и Џон Кејзич. А тоа е една добра вест.