1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Победа на фаворитот на Кремљ

Ќе се смени ли нешто во Русија по изборот на нов претседател?

default

Дмитри Медведев

Исходот од претседателските избори не го изненадува никого, тој беше познат однапред. Набрзо, исто толку малку ќе се чудиме што новиот премиер на Русија ќе се вика Владимир Путин. Ваквата процедура има малку врска со она што и‘ е својствено на демократијата. Избирачите и немаа реални алтернативи за избор на идниот руски претседател. Тие беа повикани да го потврдат на функцијата човекот кого го избра лично досегашниот претседател, Путин. Русите тоа и го сторија. Интересно е што тие на ваквите комбинации за одржување на власта во исти раце реагираат со рамнодушност, па дури и со надеж дека се‘ ќе остане исто. Многумина се уверени дека Путин ја повел земјата кон благосостојба и стабилност и дека Медведев едноставно ќе го продолжи таквиот курс.

Медведев е загатка

Што се однесува до 42-годишниот нов претседател на Русија, тој е голема загатка за политичката јавност. Какви акценти ќе постави тој во руската политика? Ќе донесе ли либерализација, со оглед на тоа што многумина го опишуваат како светски ориентиран и наклонет кон Западот? Дали ќе се еманципира од влијанието на Путин? За сега не се знае ништо. Тој во изборната битка остана тукуречи безличен. Кога стануваше збор за политички визии и стратегии, тогаш зборот го имаше досегашниот пртеседател, а не идниот. Тоа и не треба да чуди, бидејќи Медведев е политички син на Путин, тој и‘ припаѓа на генерацијата што израснала во сенката на моќниот досегашен претседател и згора на тоа нема такви корени како Путин во круговите на тајните служби. Така, Медведев ќе се најде на чело на државната творба што Путин осум години ја формираше и деформираше. Во неа се ослабени демократските структури и правната држава, граѓанското општество исто така, а во политиката и економијата главниот збор го имаа кадрите на тајните служби. Многу фаленото економско чудо на Путин фактички почива врз експлоатацијата на резервите од нафта и земен гас. Преку неја малкумина станаа многу богати, а многумина осиромашија. Значи, новиот претседател на Русија ќе има многу работа и би можел да ја искористи шансата да ја поттикне правдата и напредокот во земјата, како и да ги подобри односите со САД и Европа. Но, тоа ќе зависи и од констелиацијата на сили во новиот тандем каде Путин ќе биде иден премиер. Прашање е дали тој ќе дозволи неговиот наследник на претседателската функција да има и реално поголема власт. Ако се гледа според нивниот однос во предизборната кампања, тогаш можеме слободно да се сомневаме во тоа. Надежта останува

Русија во секој случај, веќе и врз основа на нејзината досегашна историја, има потешкотии со свртувањето кон демократијата. Сите европски постигнувања на полето на демократијата можеби и не можат да се применат на овој голем сосед од истокот. Во секој случај, нетрпението, за Западот би било погрешно во оваа ситуација. А, на рускиот народ може само да му посакаме да му оствари големата надеж што беше поврзана со овие претседателски избори, имено надежта за подобра иднина!