1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Победа за демократијата, но и за религиозните

Реформите на уставот во Турција, од страна на ЕУ и Берлин се пофалени како „чекор во вистинска насока“. Но, дали се тоа навистина?

default

Резултатите од референдумот во Турција, мерено со аршинот на демократските стандарди, се неспорни. Јасно мнозинство од речиси 58% од гласачите што излегоа на референдумот се изјаснија за промена на 26 параграфи на Уставот и со тоа дадоа зелено светло за долго посакуваниот проект на исламско-конзервативниот камп на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Уставот, создаден под раководна палка на пучистите, кој беше усвоен во 1982 година, исто така со големо мнозинство на референдум, сега е во голем дел минато.

Од Берлин и од ЕУ, како и што се очекуваше, стигнаа честитки и согласност за промени на Уставот, кои од страна на Ердоган се окарактеризирани како важен демократски чекор. Јакнењето на граѓанските права наспроти државата и кратењето на моќта на армијата, која од 1960 година, директно или индиректно, интервенираше четирипати и за извесно време ја стави демократијата на спореден колосек, се навистина за поздрав. Така, на пример, военото судство е ставено под цивилна контрола.

Оправдани дилеми на опозицијата?

Сепак, дилемите на опозицијата и нејзините приврзаници не можат толку лесно да се тргнат од дневен ред. Се стравува за независноста на Уставниот суд, како и за независноста на други високи правосудни институции. Тие, во иднина, ќе бидат под поголемо влијание на владеачката партија на Ердоган, Партијата за правда и

Baha Güngör

Бахаедин Гингер, автор на коментарот

развој (АКП). Бројот на уставните судии ќе се зголеми од 11 на 17, а ќе се зголеми и бројот на членови во Врховниот совет на судии и обвинители. Ова, заедно со зголеменото влијание на парламентот при именувањето судии, значи промена во односот на силите, во полза на религиозниот камп.

Внатрешни промени со влијание нанадвор

Подемот на религиозниот камп ќе има влијание врз надворешната политика на земјата. Турција, во последните години, се‘ повеќе му врти грб на Израел како стратешки партнер во регионот и се врти кон Иран и другите исламски држави. Поранешниот премиер и лидер на исламистите, Нечметин Ербакан, кој е политички учител на Ердоган, од 80-тите години досега повеќепати кажа дека демократијата не е цел, туку средство за постигнување политички цели. Тоа за Ербакан значи - ориентирање на Турција кон исламските вредности и надминување на кемализмот, значи секуларноста воведена од основачот на Републиката, Кемал Ататурк. Со најновите реформи на Уставот се заканува натамошно слабеење на лаицизмот, стриктната поделба на религијата и државата.

Турција се ближи до раскрсница

Многумина, не без причина, стравуваат дека Турција се ближи до уште една раскрсница во својата 87-годишна историја како република. Дали ќе порасне идентификувањето на граѓаните со нивната држава преку религијата, или лаицистичката опозиција и приврзаниците на реформското дело на Ататурк, сепак ќе најдат начин да ја сочуваат Турција како држава заснована врз светски и западни вредности?

Парламентарните избори наредната година ќе ги олеснат одговорите на овие прашања. Досега, етаблираните партии не се во состојба да понудат соодветна алтернатива за Ердоган и „религиозните“. Оттука, сега пофалениот „вистински чекор“ е под знак прашање. Зашто, натамошна исламизација на Турција ќе и‘ го затвори ионака трновитиот пат кон ЕУ. ЕУ не може да си дозволи исламска членка и не сака!

Автор на коментарот: Бахаедин Гингер

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска