Побарани 60 години затвор за Менинг | Свет | DW | 20.08.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Побарани 60 години затвор за Менинг

Во процесот против информантот на Викиликс, Бредли Менинг, обвинителството побара затворска казна од најмалку 60 години. Одбраната со барање - кон Менинг да се биде благ.

Бредли Менинг ги предаде САД, рече обвинителот Џо Мороу. „За ова предавство тој заслужува да го мине в затвор остатокот од својот живот“, нагласи обвинителот, кој го повика Воениот суд во Форт Мид, во американската сојузна држава Мериленд, да досуди остра казна и со тоа да им испрати порака на сите американски војници кои размислуваат за кражба на тајни податоци.

Освен тоа, обвинителството побара Менинг да плати и казна од 100.000 долари (околу 75.000 евра). Мороу го отфрли тврдењето на одбраната на Менинг дека тој бил наивно момче, кое сакало само да поттикне дебата за војните во Авганистан и во Ирак. Издавањето тајни од страна на Менинг е „уништувачко“, потенцираше Мороу.

Одбраната на војникот во своето пледоаје побара да се биде благ кон Менинг. Тој е млад и може да се рехабилитира, изјави адвокатот на Менинг, Дејвид Кумбс. Менинг, според него, дејствувал од идеализам. По некаква куса казна, тој би можел повторно да биде продуктивен член на општеството, нагласи адвокатот на Менинг.

Со двете пледоаеја заврши 13-дневното сослушување во Воениот суд околу висината на казната. Бредли Менинг беше прогласне за виновен по 20 од вкупно 22 точки на обвинението, меѓу кои и за шпионажа и издавање државна тајна. Највисоката казна за овие дела е 90 години затвор. Одлуката за висината на казната би можела да биде донесена наредните денови. Менинг призна дека додека бил стациониран во Ирак, во периодот од ноември 2009 до мај 2010 година, на интернет платформата Викиликс и‘ доставил околу 700.000 тајни документи од армиските компјутери. Минатата недела тој првпат се извини за своите дела и рече дека жали што со тоа им наштетил на САД. Менинг изрази подготвеност за прифаќање на казната: „Знам дека мора за тоа да платам“, рече тој.