1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Плоштадот Тахрир повторно во пламен

Во бунтот против властодржецот Мубарак, како „револуционери“ беа на иста страна, сега исламистите и опозициските сили на левицата се борат меѓусебно, во најкрвавите судири во ерата на Мурси повредени се стотици луѓе.

Арената на судирите повторно беше плоштадот Тахрир во центарот на египетскиот главен град Каиро. Најмалку 200 лица се повредени во судирите што избувнаа меѓу приврзаници и противници на претседателот Мохамед Мурси. Приврзаниците на двете групи се обидуваа да воспостават контрола врз централниот плоштад „Тахрир“.

Според податоците на лекарите од брза помош, меѓу повредените има и луѓе со рани од огнено оружје.

Зградата на египетскиот музеј во центарот на Каиро беше зафатена од пожар, најверојатно во внатрешноста на зградата бил фрлен молотов коктел кој предизвикал пожар. Египетскиот музеј во кој има исклучително вредни древноегипетски артефакти е во непосредна близина на плоштадот Тахрир.

До судирите дојде откако либерални и левоориентирани демонстранти почнаа да скандираат пароли против владејачките „Муслимански браќа“. Потоа двете групи демонстранти почнаа да се гаѓаат со камења и на крајот приврзаниците на претседателот Мохамед Мурси, кој е од „Муслимански браќа“, ја турнаа сцената, подигната од противниците на претседателот. Полицијата не интервенираше.

Партиите од секуларниот табор вчера се собраа на однапред планирани демонстрации поради доминацијата на исламистите во Уставотворното собрание задолжено за нацрт на новиот устав, како и против начинот на владеењето на претседателот Мурси кој дојде на челната функција по соборувањето на Хосни Мубарак.

Приврзаниците на „Муслимански браќа“, најголемата и најорганизирана политичка група во земјата, која го избра Мурси за претседател, се собраа на плоштадот, за да ја поддржат одлуката на Мурси да го отпушти главниот обвинител Абдел Мегид Махмуд. Махмуд, кого го сметаат за „рецидив“ на стариот режим, истакна дека по закон Мурси нема право да го отстранува главниот обвинител, тој може евентуално сам да си поднесе оставка, но не сака да го направи тоа. Многу влијателни судии го поддржаа главниот обвинител и обидот за негово сменување го оценија како напад врз независноста на судството. Мурси инаку на овој чекор се реши откако беа ослободени неколку високи функцинери, членови на стариот политички естаблишмент на Мубарак. Тие беа обвинети за смртта на демонстрантите во февруари 2011-та година. Судот во средата ги ослободи со образложение дека не постојат доволно докази.

Во меѓувреме, египетскиот претседател ги отфрли обвиненијата дека се меша во судските процеси во земјата. Тој истакна дека судската власт е независна при донесувањето одлуки и пресуди. Мурси најави и дека ослободените функционери повторно ќе ги изведе пред суд.