1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Плескавица од епрувета - решение или утопија?

Со голема медиумска помпа научниците и го претставија на јавноста првиот хамбургер од епрувета направен со помош на мускулно ткиво. Ова откритие би требало да го реши проблемот со гладта во светот.

На прв поглед плескавицата од лабораторија не се разликува од милионите плескавици кои секојдневно завршуваат на скарите ширум светот. Според мислењето на дегустаторите, таа ни по вкус не се разликува од обичните хамбургери. Единствено е различна цената. Поради комплицираниот процес на правење, плескавицата од епрувета чинеше околу 300.000 евра. Без разлика на тоа, нејзиниот татко, холандскиот научник Марк Пост, верува дека вештачката плескавица за некоја година ќе стигне и на полиците во маркетите и ќе го реши светскиот проблем со глад и се поголемата потреба од месо. Според некои проценки побарувачката за месо до 2050 ќе порасне на 73 отсто.

Милион говедски животи

На лондонската дегустација во понеделникот (05.08) и претходеше долготрајна работа во лабораторија во холандскиот град Мастрихт. Група на научници, предводени од Пост, од мускулни клетки создадоа целосно мускулно ткиво. Клетките со добра нега, се развиваат многу брзо. Мала помош беше потребна само за бојата. За да се добие „природната“ боја на говедското месо научниците употребија сок од цвекло и шафран. Во иднина се` би требало да биде многу полесно. Од клетките на едно говедо ќе биде можно, како што вели Пост, да се произведат 175 милиони плескавици од по 140 грама. Тоа што звучи како библиско чуда е всушност координирана работа на група од научници и скапи лаборатории. Но, патот до масовното производство би требало да вреди. Според проценките на научниците од универзитетот во Оксфорд, плескавицата би требало да заштеди 98 отсто од земјоделската земја и 80 до 95 отсто да ги намали емисиите на стакленичките гасови. И да го поштеди животот на милиони говеда.

Далеку од масовно производство

Stammzellenburger

Поради комплицираниот процес, плескавицата од епрувета чинеше околу 300.000 евра

Како и секоја убава приказна, и оваа има своја „цака“. Одгледувањето на матичните клетки е многу тешко и зависи од многу фактори кои меѓусебно мора да бидат совршено усогласени. Тоа е комплицирано за производство и на 140 грама месо. За масовното производство, матичните клетки се многу несоодветни. Поголем проблем е и постапката за тридимензионалната структура на направеното месо што веќе се покажа проблематично и со добивањето на органите од матичните клетки. Во природата органите растат тридимензионално со помош на крвните садови. Затоа многумина мислат дека производството на вештачката плескавица од мелено месо, со години ќе биде скапо и долготрајно. Постапката пак за стек е уште покомплицирана. Но Марк Пост планира плескавицата од епрувета веќе за дваесет години да се продава по супермаркетите и тоа по цена од еден долар.

Помалку е подобро

Тоа многумина го сметаат за многу оптимистичка прогноза и целосно погрешен пат. Наместо научниците своето драгоцено знаење да го трошат на вештачко производство на месо, многумина решението го гледаат во помалата консумација на стекови, плескавици и слични други производи од месо. Не само што е поевтино туку и поздраво. Проблемот, според научниците од универзитетот во Оксфорд, не е недостатокот од месо туку погрешната распределба.

„Се наоѓаме во ситуација во која 1,4 милијарди жители се дебели, а во исто време една милијарда гладуваат. Тука мора нешто да се промени. Не ни треба ништо друго освен поразлична храна“, вели научникот Тара Гарнет.

In-vitro-Fleisch

Марк Пост плескавицата од епрувета, планира веќе за дваесет години да се продава по супермаркетите и тоа по цена од еден долар

Но дека навиките тешко се менуваат свесни се и политичарите од германската партија на Зелените. Оваа партија се залага за воведување на ден без месо во германските кантини. И тоа по христијанската традиција на петок без месо. Со оглед на тоа дека Германија е во предизборен период ( парламентарните избори се на 22 септември), веднаш реагираа и претставниците на другите партии кои ги прекоруваат Зелените дека на граѓаните сакаат да им наметнат дополнителни забрани и ограничувања. Но статистиките и понатаму покажуваат дека Германците, особено мажите, јадат повеќе месо од количината што е добра за организмот.