1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Плевнелиев смета дека Македонија ја краде бугарската историја

На последната средба во Брисел, бугарскиот претседател побарал од македонскиот колега да се престане со манипулацијата и идеологизирањето на историјата во Македонија

Категорично му посочив на македонскиот претседател дека Бугарија никогаш нема да направи компромис со својата историја, ниту пак со историските факти за регионот и тие ќе останат такви какви што се од древни времиња“, изјави вчера бугарскиот претседател Росен Плевнелиев на прославата по повод 127-годишнината од обединувањето на Бугарија.

Разговорот меѓу Иванов и Плевнелиев се одвивал за време на нивната последна средба во Брисел. Плевнелиев му посочил на Иванов дека „манипулирањето на историјата, идеологизирањето и менувањето на историските факти не му помогнало никому на Балканот“. Бугарскиот претседател побарал историјата да им се остави на историчарите, а политичарите од двете страни да работат на добрососедство и заеднички да градат патишта, мостови и железнички врски. Таквиот став го споделил и шефот на македонската држава, пренесува бугарската агенција БТА.

Росен Плевнелиев изразил надеж дека „долгогодишните обиди на македонската страна за разединување и манипулирање на историјата ќе останат во минатото“. Оттука, бугарскиот претседател вели дека очекува нов приод од политичарите од двете страни за што очекува и конкретни докази.

„Доколку се искрени изјавите на македонскиот претседател наскоро треба да реализираме една заедничка иницијатива- изградба на споменик на Димитар Талев (познат бугарски писател и новинар родум од Прилеп, н.з.) во Прилеп“, рече Плевнелиев.