1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Плаќање со време наместо со пари

Во ирското место Клонакилти функционира разменска берза во која услугите кои се нудат преку интернет портал не се наплатуваат во пари, туку во време.

Алисон Робертс прави чоколадни бомбони. Нејзините рачно направени слатки се омилени во Клонакилти. Противредноста овде не се мери во пари, туку во време.

За една кутија и’ се впишува половина час. Пресметката се врши преку порталот „Клонакилти феивр ексчеинџ“. Притоа, не се врши директна размена на стоки и услуги. Паричната единица „фејвр“ е соодветна на петнаесет минути.

„Во време на штедење и рецесија, ова е дополнителен приход. Го користам за некои посебни нешта кои инаку не би си ги дозволила. Така добивам и совети од експерти и работи за кои инаку не би имала пари,“ објаснува Алисон.

Платформата функционира вака: сите членови го нудат она што го знаат најдобро - правни совети, потстрижување или шетање на кучиња. Сето тоа рамноправно се третира и се пресметува во време.

Allison Roberts

Алисон Робертс

Идејата за дигиталната берза за размена е на Бев Котон, професор во пензија. Негова цел е да им покаже на жителите на родниот град дека секој умее нешто:

„Одговори за економските проблеми со кои сме соочени нема да дојдат од владата во Даблин. Од таму нудат решенија, кои не изгледаат дека ќе функционираат. Се чини дека вистинските решенија долгорочно ќе дојдат од локалните заедници, од луѓето кои се трудат да го туркаат бизнисот, формираат заедници и се грижат едни за други“.

Секој регистриран корисник на порталот „Клонакилти фејвр ексчеинџ“ може да го провери своето временско конто. Освен актуелната состојба, ги гледа и понудите на другите членови: печење, готвење, поправка на компјутери.

Bevis Cotton

Бев Котон

Временските конта ги води Бев Котон. На членовите тој и самиот им нуди и други услуги: дополнителни часови по англиски или програмирање на веб страници.

„Извонредно широк круг луѓе ги нудат своето време и умешност. Овде имаме регистрирани многу професии, но и многу различни хоби и способности.“

Во разменската берза во Клонакилти во меѓувреме се вклучени повеќе од 150 жители. Местото на југот на Ирска инаку има околу 4 илјади жители. Поради економската криза, помладите се селат во метрополите.

Константин Ѓурџиев предава финансии во Даблин. Една од неговите специјалности се алтернативните економски системи. Тој ја објаснува заднината на успехот на разменската берза:

„Тоа создава опкружување во кое луѓето кои се невработени и во моментов на дното - психолошки, емоционално и финансиски - можат да застанат на нозе и да прават нешто разумно. Така немаат чувство дека нивниот талент пропаѓа“.

Но, системот има свои граници. Не може, на пример, да се градат улици, да се водат болници и училишта. Такви комплексни проекти вообичаено се финансираат со пари од данок. Во дигиталниот систем на размена, се разбира, не се предвидени.

Constantin Gurdgiev Trinity College in Dublin

Константин Ѓурџиев

Разменските берзи не можат комплетно да го заменат паричниот систем. Но, во кризни времиња тие имаат решавачка предност, признава Ѓурџиев:

„Во заедницата нема доволно пари. Луѓето немаат парични приходи. Тоа автоматски значи дека имаат повеќе време. Ако го земете тоа време и го претворите во разумна економска интеракција, фактички системот на парично плаќање, во кој недостасуваат пари, го заменувате со нешто друго “.

Дигиталната трговија со време функционира веќе една година. Членовите се одушевени. Кој може многу да разменува, му остануваат и повеќе пари. Овде со време можат да се платат се‘ повеќе услужни дејности. На многумина меѓутоа им е битно и чувството на корисност и припадност кон заедницата.

Алисон Робертс е одушевена:

„Сјајно, ова создава заедница, во која најдов многу нови пријатели. Прекрасно!“

Моделот од Клонакилти може да биде интересен насекаде во Ирска. Дигитална разменска берза наскоро треба да стартува и во Даблин.

Интернетот го овозможува тоа!