1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Платформа наместо датум за преговори за Србија?

Весникот „Вечерње новости“ објавува дека на Србија во јуни, на Самитот на ЕУ, најверојатно нема да и‘ биде одреден датум за почеток на преговори со Унијата, туку ќе биде одобрено изготување платформа за преговори.

Србија во јуни веројатно ќе добие зелено светло за „првичната фаза на преговори“ за членство во Европската унија, што ќе биде првот таков случај досега, пишува српскиот весник „Вечерње новости“, повикувајќи се на српски владин претставник.

Според весникот, европските лидери најверојатно нема да го одредат датумот за почеток на преговорите со Србија во јуни, но ќе одобрат изготување на платформа за преговори. Таквото решение би претставувало преседан, бидејќи претходно во процесот на проширување на Унијата никогаш не било постапено на ваков начин.

Според „Вечерње новости“, на овој начин ќе бидат надминати несогласувањата меѓу земјите-членки на Унијата, а ставот на Германија, дека се’ уште е рано за конкретен датум, ќе биде испочитуван. Истовремено ќе бидат признати напорите на земјата во преговорите со Приштина, додава весникот.

Fotomontage Flaggen Serbien EU Symbolbild

Директорот на српската владина Канцеларија за европска интеграција Милан Пајчевиќ изјави за весникот дека ваквата ситуација е најреална за Србија во моментов.

„Во таков случај нема да бидат официјално отворени, но техничката работа за нивно подготвување ќе почне, што дури е и поважно за Србија“, појасни тој.

Во таквата ситуација Србија ќе биде целосно подготвена за почеток на преговорите, откако официјално ќе биде одреден датумот, што може да се случи за шест до девет месеци по почнувањето на работата на платформата, додава „Вечерње новости“.

Ова прашање треба да биде решено следните неколку недели, најдоцна до 14 април, односно два дена пред Европската комија да се огласи во врска со напредокот на Србија. До крајот на март се очекува во регонот да пристигне еврокомесарот за проширување Штефан Филе и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, пишува „Вечерње новости“.

Портпаролот на Филе, Петер Стано, не даде конкретен одговор за тоа дали ќе биде направен исклучок за Србија.

„ Мошне е рано да се шпекулира за датумот и формулирањето на решенија. Заклучоците на Европскиот совет од декември се мошне јасни. Од нас беше побарано да подготвиме извештај и процесот е во тек“, истакна Стано за „Вечерње новости“.