1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Пластични кеси - вистински убиец во морињата

ЕУ сака за 80 проценти да ја намали потрошувачката на пластичните кеси преку забрани и ограничувања. Проблемот со пластичниот отпад е поголем отколку што мислат граѓаните.

„Проблемот е толку опсежен што е невозможно да се измери“, вели Бенјамин Бонгард од Германскиот сојуз за заштита на околината (НАБУ). Никој со сигурност не може да каже колку пластичен отпад се наоѓа во морето. Но, едно е сигурно – станува збор за многу повеќе отколку што природата може да поднесе. Научниците со години се обидуваат врз основа на пронајдени умрени морски животни да го откријат вистинскиот размер на катастрофата.

Проблемот е во пластичните кеси

Во желудникот на морските животни се пронајдени микроскопски делчиња од пластика, кои во вода се распаѓаат, но сепак целосно не се разградуваат. Многу видови на пластика во природата се разградуваат дури по 450 години. Додека отпадот на копно е видлив, па против него и може некој да се бори, тој проблем во морето исчезнува од видокругот.

Plastikmüll Nordseestrand in Dänemark

Се проценува дека во водена површина од еден квадратен километар има по околу 18.000 пластични кеси

Најголемата количина на отпад во морето доаѓа од копно. Најголем проблем претставуваат најтенките и најлесните кеси, кои и ветрот ги носи во морето. Околу 100 милијарди вакви кеси годишно се употребуваат во ЕУ. Повеќе од осум милијарди завршуваат во обичниот отпад или, пак, во околината. Затоа Европската комисија предложи мерки со кои земјите-членки би се обврзале на смалување на производството на пластичните кеси. Но, целосната забрана на пластичните кеси ќе биде тешко да се спроведе во пракса. Посебно земјите со силна пластична индустрија, како Германија или Франција, би можеле да се спротивстават на целосната забрана.

Глобален проблем

Но, некои германски политичари го критикуваа фактот што комесарот за заштита на околината Јанез Поточник им препушти на земјите-членки да донесат одлука за тоа дали ќе ги забранат пластичните кесиња или, пак, нема да го сторат тоа.

„Комесарот со самото тоа однапред попушти и ако навистина мисли сериозно како комесар за животна средина, тогаш мора да најде едно заедничко решение за целата ЕУ. Да се фати да го решава проблемот, а не да го заобиколува“, смета Дагмар Рот-Беренд од Социјалдемократската партија на Германија.

Plastiktüten auf wilder Müllhalde

Ветрот со километри ги носи пластичните кеси од копното во морето

Истовремено од Германскиот сојуз за заштита на околината сметаат дека е позитивно тоа што веќе дојде до некакво поместување. Едно од решенијата би можело да биде постепено кревање на данокот на пластичните кеси, со што би се намалила потрошувачката. НАБУ во моментов ја гледа ЕУ како единствената политичка сила која може да се бори против загадувањето на морињата со пластичен отпад, и тоа во целата планета, бидејќи проблемот не запира на европското крајбрежје.

Во моментов проблемот со пластичните кеси е најприсутен во растечките економски сили, како Индија, Бразил или Кина. Но, во споредба со тие земји проблемот во Европа е многу помал.

„Европската унија самата не може да го реши глобалниот проблем со загадувањето, но може да послужи како позитивен пример и да покаже дека се може и без опасниот пластичен отпад“, заклучува Бонгард.