Планирање на гробовите! | Свет | DW | 20.01.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Планирање на гробовите!

Пред 70 години во берлинската елитна населба на езерото Ван се состанаа 15 високи функционери на Хитлер. На дневен ред беше прашањето на Евреите, завиено во бирократски и еуфемистички формулации, полни цинизам

default

Во јавноста и денес оваа конференција се споменува како состанок на кој е донесена одлуката за систематско убивање на Евреите до нивното коначно истребување. Од двочасовната конференција единствено постои записник кој на 15 страници го напишал Адолф Ајхман, кој во тогашната германска полиција бил задолжен за еврејското прашање.

Записникот бил пронајден во 1947 година во документите на министерството за надворешни работи. Оттогаш записот на Ајхман важи за клучен документ за историјата на геноцидот над Евреите иако нацистичкиот режим со злосторствата над Евреите започнал уште пред одржувањето на конференцијата.

„Конференција долго важеше за моментот кога е донесена одлуката за систематско убивање на Евреите. Меѓутоа, ако се земе предвид колку стотици илјади советски Евреи биле убиени пред неа, тогаш таквото мислење и не е точно“, вели Михаел Вилт, професор по германска историја на Хумболд Универзитетот во Берлин.

Нацистите секогаш тврделе дека целта е целосно истребување на Евреите и затоа избрале неколку различни концепти: Евреите биле депортирани во логори, присилување на иселување, одземано им е државјанството, и конечно биле убивани.

Haus der Wannsee-Konferenz in Berlin

Зградата во која е одржана конференцијата во Ванзе

Во записникот, за кој се говорело дека е американски фалсификат, никаде отворено не е наведено убивањето на Евреите. Наместо тоа, се говори во завиени, бирократски формулации кои често звучат цинично.

Цинизмот во големото зло

Но, само една реченица од записникот доволно сведочи која била целта. Ајхман пишува за Евреите кои евентуално би го избегнале прогонот, нарекувајќи ги „остаток“ кој очигледно „е најотпорен дел“ и кој мора „примерно да се обработи“, бидејќи „доколку остане живо, тоа би можело да биде зачеток на ново еврејство“.

Во превод тоа значело: планирано убиство на Евреите во гасните комори во Аушвиц, Треблинка и останати конц-логори.

Адолф Ајхман по конференцијата на езерото Ван јавно изјавил: „тука не дојде само до задоволително усогласување на сите учесници, туку сосема неочекувано дојде и до решавачки напредок во правец на конечно решение на еврејскиот проблем“.

Самиот Ајхман во 1960. година во Израел рече дека пишаниот протокол не одговара на текстот на декларацијата кој бил усвоен на конференцијата. На инсистирање на шефот на злогласното Биро за сигурност, Рајнхард Хајдрих, записникот морал повеќепати да биде коригиран и препишуван.

Автор: Михаел Марек/Б. Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска