1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Планирани терористички напади со авиони-макети?

Полициски специјалци во јужниот и источниот дел од Германија извршија претрес на станови на осомничени исламисти. Постои сомневање за можни планирани терористички напади со бомби во далечински управувани модели-авиони.

Полицијата во покраините Баварија, Баден Виртемберг и Саксонија изврши широкоопфатна рација во домовите на осомничени исламисти. Според Сојузното обвинителство, претресот бил извршен во станови во Штутгарт и околината, во Минхен и во Дахау, како и кај еден интернетпровајдер во Саксонија поради можни подготовки за терористички акции. Бидејќи постоело стравување од постоење оружје во некои од становите, во некои од објектите упаднале полициски специјалци.

Се води истрага против двајца осомничени со туниско потекло, соопшти Обвинителството во Карлсруе. Двајцата мажи се под сомнение за планирање терористички напади со бомби сместени во макети-авиони со далечинско управување. Осомничените целно барале информации и материјали за производство на бомби, поради што истрагата се води за „подготовка на насилен акт кој ја загрозува државната безбедност“, како и перење пари. При претресот се запленети технички апарати и документи, но засега не се извршени апсења. Се‘уште не е јасен размерот на целиот случај.

Во безбедносните кругови отпорано постојат шпекулации за можноста од терористички напади со авиони-модели. Осомничените и лицата со кои тие контактирале студирале на универзитетот во Штутгарт и тоа во областа аеро и вселенска техника. Во рамките на нивните студии тие вршеле практична работа и вежби кои лесно можеле да бидат злоупотребени во други цели, се вели. Така биле развивани методи за наведување на макетите-авиони со ЏПС на посебни рути.

Истрагата се поклопува со постапка на Обвинителството од Штутгарт против повеќе мажи за перење пари и поддршка на т.н. „Света војна“. Се работи за две одделни постапки, но осомничените меѓусебно се познавале, потврди портпарол на Обвинителството од Штутгарт.