1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Пијанистот од плоштадот Таксим во Истанбул

Познат е како „пијанистот од плоштадот Таксим“. Давид Мартело преку ноќ стана популарен и светска ѕвезда. Откако се врати во Берлин, градот во кој живее, тој веќе ја планира следната фаза на својата мисија.

До неодамна никој не знаеше кој е Давид Мартело. Фотографиите кои го прикажуваат на плоштадот Таксим во Истанбул заедно со другите демонстранти во меѓувреме го обиколија светот. Пијанистот Мартело стана не само светски позната музичка ѕвезда туку и симбол на конфликтот помеѓу турската влада и младите демонстранти во земјата. Ова 31 годишно момче (по потекло од Италија, но е израснат во Германија), кој се појави на телевизиските програми ширум светот како носи маска за заштита од солзавец, на плоштадот Таксим свири серенади. Така, меѓу маглата на солзавецот и трепкавите полициски светла, се роди оваа ѕвезда.

Спонтано создавање историја

„Не знаев точно што правам“, отворено признава Мартело, раскажувајќи за својата одлука да, покрај договорените турнеи, дојде на југ. „Во тоа време бев во Софија, Бугарија. На телевизија видов што се случува во Турција, целото тоа насилство па се запрашав како би изгледало да има клавир на средина на тој плоштад?“, вели тој.

Proteste Türkei Ende Juni 2013

Откако го видел протестот во Истанбул на телевизија, Мартело решил да оди на Таксим

Следниот ден, како што вели, отпатувал до плоштадот само да го види. „Не сакав да свирам истиот ден, сакав да најдам хотел и да се одморам прво. Меѓутоа, покрај патот видов патоказ за плоштадот Таксим и помислив: „Ајде да отидам до Таксим да видам каква е ситуацијата. Така отидов, го симнав клавирот од приколката и едноставно почнав да свирам“, раскажува Мартело.

А кога почнал, веќе не можел да престане, само свирел и свирел. Пред да стане свесен, свирел веќе три ноќи, а еднаш дури и 13 часа без прекин. Масата го обожавала. Дури и полицијата дошла во искушение да ги спушти пендреците и да учествува во овој чуден настан. Но, четвртата ноќ расположението се променило. Повторно е фрлен солзавец, светеле ротациските полициски светла. Мартело се обидел да продолжи да свири, но се нашол среде хаос, во облак од солзавец и побегнал со останатите демонстранти.

Кога следниот ден се вратил на Таксим, неговиот клавир го немало. Полицијата подоцна го нашла, со помош на германската и италијанската амбасада како и преку телевизиските станици кои го снимале земањето.

Davide Martello Pianist Klavier Musik Künstler Konzert

Тој ги имаше своите пет минути во јуни на плоштадот Таксим, а сега ја продолжува турнејата

„Беше како забава и сите беа среќни. Ми беше задоволство да ги поделам тие чувства со другите. Не размислував за тоа како мојата музика би можела да влијае на ситуацијата, но по вториот или третиот ден почнав да размислувам како музиката сепак би можела да има влијание и да ја промени политиката“, вели ова момче.

Еден повик менува сѐ

Мартело ги имаше своите пет минути во јуни на плоштадот Таксим, а сега ја продолжува турнејата. Неговата кариера со клавирот почна скромно, пред неколку години. Сфаќајќи дека не е сосема задоволен работејќи како фризер во Констанц, во Германија одлучил да проба со својата искрена страст - музиката. Сам пишувал композиции уште од пубертет. „Кога имав 17 години напишав песна за една девојка и ѝ се допадна. Оттогаш продолжив да пишувам“, се сеќава Мартело.

Наскоро потоа, почнал да се пријавува на различни музички академии во Германија. Престижната берлинска музичка академија „Нанс Ајслер“ го викнала на аудиција. Но сѐ се променило кога го викнал неговиот поранешен клиент од фризерскиот салон во Констанц. Човекот му кажал дека сака да го направи неговиот клавир од соништата: во основа, форма на големо пијано со електрична клавијатура и бас звучник. Мартело вели дека намерно го испуштил приемниот испит во Берлин и побрзал дома да ја испланира светската турнеја. И така започна неговиот нов живот на патувачки музичар. „Планирам да свирам во секој голем град во светот“, вели Мартело без да се шегува. „Патувам по светот со мојот голем клавир и продавам ЦД-иња кои сам ги снимам. Тоа го правев и пред да дојдам во Истанбул“.

Davide Martello Pianist Klavier Musik Künstler Konzert

На карта го обележува напредокот низ градовите по светот

Тоа што пред две години започна на берлински плоштад, го однесе и во Тирана, Будимпешта, Мазар-и Шариф како и многу подалеку. Мартело обично патува кон нова дестинација со својот спортски автомобил со кој ја влече приколката. Потоа наоѓа соодветно место за да го постави клавирот и почнува да ги свири своите композиции кои ги привлекуваат луѓето.

На едната страна на приколката има карта на која го обележува напредокот како и кутија со билети за паркинг за да покаже дека е сериозен во својата намера. А Истанбул промени се`. Мартело ја покажува жолтата кацига и маската која на носел на плоштадот Таксим, а кои ги чува во својот автомобил.

Слатко-горчлива симфонија

Се стекнува впечаток како Мартело е случаен јунак, а не лукав човек кој успеал да се рекламира себеси, а во Истанбул ја видел шансата за успех. Тој е идеалист кој има храбро срце, исто како што го носи храбро и името на својот роден град на ѕидот од приколката, каде „Констанц“ е напишан со задебелени букви. „Да бидам искрен, прилично е забавно после Истанбул. Не ми беше намерата да добијам таков публицитет, но мило ми е што луѓето се интересираат за мене и мојот труд. Јас само сакам да продолжам да патувам. На ред е Париз, а потоа Лондон и Даблин“, додава тој.

Davide Martello Pianist Klavier Musik Künstler Konzert

Мартело наоѓа соодветно место за да го постави клавирот и почнува да ги свири своите композиции

По Истанбул, неговата страница на Фејсбук ја следат неколку илјади фанови, а неговите „герила-свирки“ се подобро организирани. Неколку часа пред почетокот на концертот во Берлин, информацијата дека „пијанистот од плоштадот Таксим“ е повторно во градот, брзо се прошири на интернет. Мартело го вади својот клавир од приколката. Со помош на неколку стари пријатели и нови обожаватели го става на средината на мостот во населбата Фридрихштајн. Се чини дека тоа е совршена локација за неговото шоу.

Седумдесетина луѓе веќе се собраа, џагорот е се` погласен. Поставувајќи ја полицата со ЦД-иња кои ги продава за 15 евра едно, и ставајќи нешто ситно во својата кантичка за да „продолжи бакшишот да капе“, Мартело седнува и почнува да свири. Меѓутоа, не се слуша ништо. Вознемирано чепка по каблите. Ја провлекува раката низ својата темна коса и тивко пцуе: „Ова не се случило уште од Тирана“, вели Мартело. Свирката е откажана и сите си одат дома.

Изгледа дека „подвижната револуција“ ќе мора да запре на некое време. Можеби е тоа парадоксот што го прати генијот во неговиот подем - на крајот се` се сведува на технологијата. „Што се случува кога ќе го исклучиме приклучокот? За среќа, се чини дека музиката и понатаму останува моќ за менување на светот - барем сѐ додека има резервна батерија за појачалото“, преку смеа вели Мартело.