1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пишман џихадист

Матијас Фон Хајн/бг3 август 2015

Германските експерти за тероризам долго чекаа некој како Ебрахим Б. Повратникот од ИС се дистанцира од терористичкиот режим и ја отфрла нивната пропаганда. Денеска почнува неговото судење.

https://p.dw.com/p/1G8m4

Ебрахим Б. сакаше да биде херој. Германското државно обвинителство смета дека тој бил подготвен и во улога на бомбаш-самоубиец да го жртвува својот живот за т.н. „„Исламска држава“. Но се предомисли и затоа сега можеби сепак ќе стане херој - затоа што јавно ги изнесува бруталните методи на ИС, што јавно се дистанцира од терористите, што со своите изјави фрла дрва и камења врз добро подмачканата пропагандна машина на ИС и што со своите изјави можеби ќе успее да одврати други млади луѓе од кобниот пат кон радикализација.

Ебрахим Б. е првиот од околу 260 борци повратници во Германија, кој во разговор за германските медиуми го урива митот за ИС. Сака, како што вели, да ги предупреди другите луѓе, а нив ги има во приличен број. За младите муслимани ИС и натаму е атрактивна. Германските власти сметаат дека повеќе од 700 германски државјани заминале во џихад. Други, како психолозите и експертот за ислам Ахмад Мансур, сметаат дека дури околу 2.000 германски џихадисти се наоѓаат на подрачјата кои ги окупираа терористите на ИС.

Да се разбуди сомнежот

Експертите за тероризам долго чекаа да се појави некој како Ебрахим Б., некој кој му свртел грб на тероризмот. И Петер Нојман, експерт за тероризам на лондонскиот Кралски колеџ, се надева дека примерот на овој жител на Волфсбург ќе поттикне и други да излезат во јавност. „Многу повратници се разочарани. Со задоволство би ја раскажале својата приказна, но се плашат од последиците“, вели Нојман во изјава за АРД.

Dr. Peter Neumann
Петер НојманФотографија: Peter Neumann

„Важно е луѓето кои размислуваат за тоа да отидат во Сирија самите себеси да си постават критички прашања бидејќи постојано се создава впечаток дека сите кои ќе заминат таму се неизмерно среќни, одлучни, мотивирани и дека воопшто не се сомневаат во таа идеологија. А таа слика овој млад човек ја урива“.
Во редовите на ИС и тоа како се свесни за тоа. Тоа го докажува и изјавата на кообвинетиот Ајуб Б. која ја дал за време на полициското сослушување: „За ИС јас сум предавник. Доколку ме фатеа ќе ме заклаа. Рекоа дека ниту еден од луѓето од Волфсбург не смее да се врати дома, бидејќи ќе се урне пропагандата“.

Волфсбуршката ќелија

Ебрахим Б. и Ајуб Б. и‘ припаѓаат на група од околу 20 млади луѓе од Волфсбург кои од 2013 година патувале во Сирија. Ги индоктринирал и ги врбувал Јасин Усаифи. Сѐ додека не добил забрана за влез во турската џамија, тој во Волфсбург ги собирал младите луѓе околу себе и кај нив предизвикувал грижа на совеста, се присетува Ебрахим Б: „Како можеш мирно да спиеш додека во овој момент млади муслимани гладуваат, а жените се силувани“. Усаифи наводно денес во ИС зазема висока функција како шеријатски судија. Експертката за тероризам Сузане Шретер вели дека и‘ е јасно зошто младите луѓе се одушевуваат од џихадот. „Тоа е идеја за голем проект со кој се сака промена на целиот свет, проект кој е озаконет од бога и на кој му е неопходен секој поединец“, вели Шретер.

Syrien/Irak IS-Kämpfer
Борци на ИС во СиријаФотографија: picture-alliance/Albaraka News/Handout

Избери: борец или бомбаш-самоубиец?

Ајуб Б. и Ебрахим Б. во Турција заминале кон крајот на мај 2014 година. Таму ја минале границата со Сирија и завршиле во терористички камп во градот Јарабулус ,каде морале да ги предадат пасошите и мобилните телефони. И морале да одлучат:дали ќе станат борци или бомбаши-самоубијци. Ајуб Б. се одлучил за борец, а Ебрахим Б., според обвинителниот акт, донел одлука да стане бомбаш-самоубиец. Заедно со 50 други потенцијални самоубијци, тој потоа отпатувал во Ирак. Германските власти сметаат дека во Сирија и Ирак страдале повеќе од 90 германски џихадисти. Меѓу нив, најмалку седуммина биле од Волфсбург.
Ебрахим Б. раскажува и за паранојата во ИС, за сеприсутниот страв од шпиони. И самиот, вели, повремено бил осомничен дека е шпион. За да го заплашат, го затворале во ќелија намачкана со крв, а подоцна во неа бил фрлен човечки труп без глава. Кон крајот на август 2014. Ебрахим Б. успеал да побегне. „Затворот во Германија ми е подраг од слободата во Сирија“, вели тој денес.
Надежите се дека исказите на Ебрахим Б. за време на судењето ќе успеат да ја урнат сликата за ИС која постои кај некои млади луѓе во земјата.