1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Писмото на Груевски е вистински потег

Груевски му фрли ракавица на Самарас. Потегот според аналитичарите е добар и дава надеж дека е можно придвижување во позитивна насока. Ќе се одважи ли овој пат Атина!?

Иницијативата на македонскиот премиер Никола Груевски, кој во писмо до грчкиот колега Андонис Самарас нуди конкретни активности за надминување на застојот во разговорите за името, според аналитичарите е за поздравување. Поканата за итна директна средба на премиерско ниво е добар потег кој Атина овој пат нема да може да си дозволи толку лесно да го одбие или услови, коментира за Дојче веле професорот Димитар Мирчев:

„Се надевам дека работите конечно ќе се придвижат. Досега од македонска страна имаше неколку иницијативи, вклучувајки ја и средбата во Загреб на претседателот Ѓорѓе Иванов со неговиот грчки колега Папуљас. Засега од Атина нема индикации, но ми се чини дека овој пат нема да можат да ја одбијат понудата без сериозни аргументи. Досега тие беа: ’прифатете го ултиматумот од осум точки’, но веќе ситуацијата се менува. Расте притисокот и кон нив, особено по самитот на ЕУ, бидејки Брисел веќе чувствува недостаток на алтернативи и опции за Македонија. Така што, мислам дека и Унијата ќе застане зад ваквата состојба и ќе го поддржи предлогот и на Иванов и на Груевски. Сепак, јас не верувам дека тој ќе влијае непосредно, но во секој случај очекувам да доведе до попозитивна клима, што е битно и за Грција да покаже дека е конструктивна. Останува да видиме дали ќе има одговоро од нив кој се надевам дека нема да биде како досега, да се прифати ултиматумот. Таа фаза веќе минува“, коментира Мирчев.

Dimitar Mircev, Universitätsprofessor und Ex-Diplomat aus Mazedonien

Димитар Мирчев

Потегот на Груевски го поздравува и поранешниот министер за надворешни работи, професорот Денко Малески. Тој се надева на позитивен развој, но не е убеден дека кај Самарас има подготвеност за такво нешто:

„За сите нас што сметаме дека е потребно да се пробие бариерата со ЕУ и НАТО, потегот е за поздравување. Меѓутоа, мислам дека начинот на кој се прави нема да предизвика соодветна реакција од другата страна. Таа нема предлогот да го пригрли како што евентуално очекува Груевски. Мислам дека односите се усложнети од една страна. Преокупацијата на Самарас со други проблеми од друга страна и непопуларноста кај електоратот од таква нагла средба ќе резултира со веројатно негативен одговор. Она што се бара од нас е во редовните преговори да покажеме напредок пред тие да се кренат на повисоко ниво. Проблемот е толку сложен, што толку е наивно да се смета да се направи директен пробив во центарот за решение, без оглед на добрите намери на премиерот Груевски.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister

Денко Малески

Нема да има одговор, а во таков случај тој ќе биде обвинет дека тоа го прави како парада без суштина. Треба внимателно да се пристапува, но таква средба на почеток не верувам дека ќе се случи, можеби за финале, но на почеток - не верувам! Но, камо да грешам“! смета Малески.

Со сличен став е и поранешниот дипломат Ристо Никовски:

„Писмото на Груевски и предлогот за формирање на тимови е добар исчекор. Нам, досега, ни недостасуваа иницијативи. Меѓутоа, простор за некаков поизразен оптимизам, објективно - нема. На Самарас нема да му биде лесно да го игнорира предлогот, ама може да се претпостави дека ќе направи се‘ за да го релативизира во дадените услови на целосна финансиска, економска, политичка, социјална и каква се‘ уште не криза, Атина нема намери да се занимава со ова прашање, кое неа воопшто не ја тангира. Така ќе биде макар уште три а најверојатно и пет години“, смета Никовски.

Ова не е прва иницијатива на Груевски за директни средби со Самарас. Лани во јули тој понуди неколку термини за средба за засилување на дијалогот, а изрази и подготвеност да прифати кој било друг датум што ќе му одговара на Самарас. Сепак писмото кое Груевски го испратил минатата недела се толкува како досега најконкретна понуда од македонска страна за напредок во спорот. Тој меѓу другото на Самарас му пишал дека спорот треба да се надмине, а од него би имале полза и двете држави. За таа цел Груевски предлага двете држави да создадат тимови, на чело со самите премиери, кои заедно со медијаторот Метју Нимиц, односно под покровителство на ОН, целосно би се посветиле на изнаоѓање решение. „Македонија сака Грција не само да го поддржи отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ, туку и да биде партнер во тие преговори. Пречка за тоа е спорот за името, каде што Грција ја има силата на членка на ЕУ и НАТО, а Македонија аргументот на меѓународното право“, му напишал Груевски на неговиот грчки колега. Одговор од Атина засега нема.